Над три илјади учесници, најмногу досега, ќе трчаат на Скопскиот маратон 2012, кој ќе се одржи на 6-ти мај.
Меѓу елитните натпреварувачи од странство коишто го потврдија своето учество се Вилсон Мели, Патрик Мичеми Вамбугу и Сесеилија Вангуи Варатумо од Кенија, Алексеј Трошкин и Татиана Перепелкина од Русија, Марк Рог од Шпанија, како и Тамаш Тот и Каталин Фаркаш од Унгарија.
„Скопскиот маратон, кој низ изминативе години ја достигна европската и светската афирмација, веќе стана препознатлив спортски бренд на Градот Скопје, манифестација која од година в година има сé повеќе учесници. Гордост е за еден градоначалник кога ќе може да истакне дека во неговата држава, во неговиот град, се одржува маратон, кој има интенција наредните години да се вброи меѓу најпознатите во светот, да застане рамо до рамо со еден лондонски, њујоршки, бостонски, белградски маратон. Да ја пренесе пораката на спортот, на трчањето, на дружењето, на забавата, да им посака добредојде на многубројните гости од целиот свет, достоинствено да го афирмира градот како космополитски и спортски“, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Скопскиот градоначалник, потенцира дека Град Скопје како иницијатор и главен покровител, ја дава својата логистичка и финансиска поддршка од 1,5 милиони денари, и дека секоја наредна година ќе се труди да вложува уште повеќе, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
И градоначалникот на Град Скопје и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазе Поповски, повикаа на што поголема масовност за поддршка на оваа спортска Манифестација и нејзина светска афирмација.
Директорот на трката, Кире Синадиновски, истакна дека наградниот фонд останува ист како и мината и изнесува 10.500 евра.
„Првопласираните во машка и женска конкуренција ќе земат по 1.700 евра, а наградата за соборување на рекордот на патеката е 300 евра. Парични награди се предвидени и за најдобрите македонски натпреварувачи во маратонската трка и тие изнесуваат 300 евра“, рече Синадиновски.
Трчајќи го Скопскиот маратон, учесниците можат да обезбедат и норма за Олимписките игри во Лондон оваа година, потенцираше Синадиновски.
Во недела на денот на одржување на Скопскиот маратон, низ главните скопски улици, од 08-14 часот ќе има посебен сообраќаен режим , а дел од сообраќајниците ќе бидат и целосно затворени.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com