Околу 900 првооделенци од Охрид денеска  ќе ја почнат учебната 2007/2008 година по новиот концепт на деветгодишно основно образование. Деветолетката е задолжителна и ги опфаќа децата кои имаат наполнето пет години и осум месеци. Образованието ќе се одвива во три воспитно-образовни периоди (прво-трето, четврто-шесто и седмо-деветто одделение).
Деветолетката е воведена поради потребата за усогласување на македонскиот со образовните системи во европските земји и поради тоа што во предучилишното воспитание досега беа опфатени само 11 проценти од децата на шестгодишна возраст.

Според нецелосните информации од надлежните општински органи, бидејќи конкурсот за зашишување е сеуште отворен, по новиот образовен концепт во прво одделение се запишале околу 370 деца на шест годишна возраст.  Околу 540 деца на седумгодишна возраст кои минатата година посетуваа забавиште исто така запишуваат прво одделение, со таа разлика што тие в година ќе го прескокнат второ одделение и директно ќе преминат во трето по нова комбинирана програма.

Надлежните велат дека  се е подготвено за успешен старт на деветолетката. Обучени се потребниот број  наставници, кои за работа по новиот образовен концепт имаат и прирачници. Подготвени се нови наставни планови согласно со возраста на учениците, како и посебен план со динамика на примената на новите наставни програми.

Новиот концепт нуди повеќе часови за мајчиниот јазик, изучување на англискиот јазик од прво и втор странски јазик од шесто одделение, зголемен број часови за физичко и здравствено образование и континуирано користење на информатичката технологија во наставниот процес. Во деветгодишното основно образование ќе има и подобар систем на следење и оценување на постигнувањата на учениците во рамките на секој образовен период. Во првите три одделенија оценувањето ќе биде описно, а потоа почнува нумеричкото оценување.

Во првото полугодие ќе биде застапен воспитниот дел на наставата и првооделенците ќе учат од дидактички материјали, а од учебници по македонски, математика и запознавање на природата ќе учат во второ полугодие. Англискиот јазик ќе го изучуваат еден час седмично, преку игра и без учебник.

Централната свеченост по повод отпочнувањето на новата школска година во Охрид ќе се одржи во ОУ „Братство и Единство“ кај Крст Џамија.

Г. Момироски