Околу 60 % од концесионерите плажи во Охрид и Струга до сега пројавиле интерес за ангажирање на спасители на вода за претстојната летна сезона. Од „Центарот за безбедност на вода“, кој функционира во рамки на Црвениот крст во Охрид информираат дека со дел од концесионерите веќе се склучени договори и дека се очекува спасителите да бидат распоредни по капалиштата од 1-ви до 5-ти јули.
-Интересот кај концесионерите за ангажирање на спасители е сличен како и во текот на минатите години. До сега интерес пројавиле 22 плажи на охридското и 6 плажи од струшкото крајбрежје. Очекуваме во текот на наредниот период и останатите плажи да склучат договори за ангажирање на спасители на вода, вели Сашо Точков претседател на охридскиот Црвен крст.
Тој информираше дека веќе се започнати обуките на 44 нови спасители на вода, кои соодветно на потребите ќе бидат ангажирани на охридските и струшките капалишта.
-Паралелно се вршат две обуки за спасители. На обуката во Охрид се пријавени 31 кандидат, а 13 кандидати ја посетуваат обуката која се врши во Струга. Обуките ги спроведуваат меѓународни инстуктори, а на 28-ми јуни кандидатите ќе полагаат завршен испит на практичниот и теоретскиот дел и оние кои ќе положат ќе се стекнат со лигитимација за спасител на вода и ќе бидат на располагање на Црвениот крст за да бидат распоредени на капалиштата онаму каде што е потребно, вели Точков.
Заедно со ново-обучените спасители, „Центарот за безбедност на вода“ годинава ќе располага со вкупно 311 спасители, а на плажите во текот на ова лето се очекува да бидат ангажирани околу 90 од нив.
Освен ангажирање на спасители, концесионерите на плажите имаат обврска да ги обележат капалиштата, да постават набљудувачници и да обележат пунктови за укажување на прва помош.
Е.М