Околу 5-6 илјади лица живеат со дијабетес во Охрид и околината, но загрижува фактот што овие бројки секојдневно се менуваат. Потребна е едукација на населението, на лицата со дијабетес, нивните семејства, но и пошироката околина за заштита, значењето на редовните контроли, но и како да се пружи помош на лицата со дијабет, беше потенцирано на одржаното предавање на тема „Бубрежни заболувања кај лицата со дијабет“ во организација на Здружението на дијабетичари од Охрид.

Д-р. Даниела Мисоска Пендова од Интерното одделение при Општата болница во Охрид, вели бубрежните болести се значаен дел од патологијата кај пациентите, но некако како да е запоставен тој проблем и првенствено се кардиоваскуларните болести секогаш во таргет.

По најновите статистики веќе 2 од 5 пациенти кои имаат дијабетес имаат и хронична бубрежна болест. Дијабетесот е водечка причина за хронична бубрежна болест кај пациентите со тип 2, но не е за занемарување и кај пациентите со тип 1. Кога ќе земеме предвид дека хипертензијата е само по себе независен фактор за појава на хронична бубрежна болест најмалку 90% од пациентите со тип 2 имаат и хипертензија што уште повеќе го зголемува товарот, потенцира.

Секојдневно, вели, се среќаваат со ново дијагностицирани пациенти со тип 2 дијабет, односно тип 1 дијабет иако како интернисти малку помалку имаат евиденција за тип 1 бидејќи станува збор за помлада популација која ја водат педијатрите.

За жал, во постковид перидот имаме поголем број компликации, првенствено од страна на дијабетичната невропатија, односно оштетување кое дијабетот го прави на нервите и дијабетичното стапало, ампутации и различни рани. Пациентите не доаѓаа редовно на контроли, па имаме и многу нерегулирани пациенти. Тоа е данокот на пандемијата, истакнува Мисоска Пендова.

Многу е важно, вели, навременото дијагностицирање бидејќи во одредена фаза, особено на почетокот со добра контрола, со сите хигиенско-диететски мерки кои се база на третманот на дијабетот, може да се предизвика и извесна регресија.

Контролата е од првенствено значење за да се избегнат сите компликации, како гликемиската контрола, не само да се одржува нормална гликемија, туку таа да е и со што помалку осцилации. Честите високи и ниски вредности на шеќерот уште повеќе се утврдило дека прават оштетување. Важна е и регулацијата на другите фактори, коморбидитети. Невремената терапија и домашните мерења се многу битни, зошто од наше искуство пациентите кои почесто мерат шеќер ни се подобро регулирани.

Во поглед на хипер и хипогликемијата, истакнува дека хипергликемијата е многу страшна од аспект на тоа кога пациентот ќе види голема вредност, но сама по себе најчесто не прави моментално оштетување, не земјаќи ги предвид ектремните хипергликемии.

Но, прави оштетување на долг рок и тоа секако треба да се земе во предвид и да се појде на доктор. Тоа што е посебно важно и што сите пациенти и нивните блиски и пошироката околина треба да знаеме е како да реагираме при состојба на хипогликемија, која бара моментална интервенција. Посебно ако е екстремна хипогликемијата доведува до губиток на свест, пад, повреди, оштетување на мозокот, срцето кои се дирекно зависни од гликозата. Поправилно е ако видиме дека некој пациент има ваков проблем да му дадеме нешто благо да се напие, отколку да дадеме инсулин без мерење, или нормално да се повика помош. Затоа е битна едукацијата.

Во поглед на терапија, додава, дека во моментов има, но дел од терпијата повремено недостасува, а поради ограничувања на буџетите нема баш доволна количина од некоја посовремена терапија.

Потпретседателот на Здружението на дијабетичари од Охрид, Јулијана Шишоска, вели предавањето, а и целата програма за тековната година е со цел да се едуцира населението посебно дијабетичарите и нивните семејства за самиот дијабет, болестите и заштитата.

Точна бројка на дијабетичари во Охрид и околинава немаме бидејќи истата постојано се менува, но бројката се движи отприлика преку 5-6 000 лица. Станува збор за лица дијабетичари со тип 1 и тип 2 од најмала возраст до најстара. Битно е да се едуцирааат и лицата кои немаат дијабет за да не дојде до истиот, а дијабетичарите како полесно да се справат со него, вели Шишоска.

Потенцира дека како Здружение немаат финансиски можности да обезбедат апарати, сензори, ленти, иглички, но работат во оваа насока со помош на спонзори.

Меѓу проблемите со кои се соочуваат лицата со дијабетес се бројот на ленти кои ги добиваат за мерење на шеќерот. Добиваат 50 ленти на два месеци, а лицата кои се посебно на инсулинска терапија треба барем три пати дневно да го мерат шеќерот. Тоа значи дека нив им се потребни 90 ленти месечно, а не 50 на два месеци. Да не збориме за лицата кои се на таблетарна терапија, нема можност. Потребни се и има недостаток на сензори кои се многу важни посебно кај лицата кои имаат флуктација на шеќерот. Инсулин веќе се добива, во моментов не е проблем. Но, многу е мал и бројот на доктори, имам отприлика 5 илјади пациенти, а само тројца доктори супспецијалисти, додава.

Како дел од активностите на Здружението  Шишоска во јуни најавува и настан за подготовка на храна за дијабетичари со цел да се потенцира дека храната за дијабетичари не значи дека не треба да е вкусна и не значи дека подготовката на истата одзема многу повеќе време. Треба, вели, да се користат намирници богати со протеини, влакна, низок гликемиски индекс и да биде вкусна.

Инаку, бројот на лица заболени од дијабет од година во година се зголемува и на глоблано ниво и се очекува по некои светски прогнози до 2045 година бројката да надмине над 730 милиони заболени од дијабет.

Н.С.Ј.