Околу 40 отсто од вработените во големите компании се вишок, посочуваат правни застапници, според кои на македонското стопанство му  претстои турболентен  период. Според нив трендот на отпуштања што ја зафати светската економија поради глобалната економска криза негативно ќе се одрази и на домашното стопанство, кое тешко се снаоѓа по губењето на некогашниот југословенски пазар за кој тоа беше проектирано.

– Кога тој пазар исчезна, многу мал процент од нив се преструктуираа, го задржаа бројот на вработени или го зголемија. Најголемиот од нив или затворија или толку се смалија што реално имаат вишок вработени  кој понатаму мора да го намалуваат со судски постапки и поголеми потреси.-смета адвокатот Георги Димитров.


Споровите од работни односи, посочуваат правните експерти, денес се многу чести и скапи, како за работниците кои мора да плаќаат високи такси за рочиштата, така и за компаниите каде има отпуштања од работа.

-Луѓето кои добиваат отказ се незадоволни сметајќи дека не се тие кои на кои треба да им се даде отказ и дека има некоја друга причина за тоа, а не намалената економската моќ на компанијата и затоа реткост е работници отпуштени од работа да не поведат работен спор, кој иако според законот треба да заврши брзо, трае долго и на крај резултира со големи отштети.-вели Кирил Чавдаров, професор во пензија.


проф. Кирил Чавдаров

Во обид да ги избегнат долгите и скапи работни спорови, компаниите се почесто ја користат законската можност за прераспоредување на вишокот вработени од една на друга позиција, што според работниците отвора простор за манипулации, бидејќи непотпишувањето на решението за ново работно се користи  како изговор за отпуштање. Со ова не се согласуваат дел од правните експерти, кои сметаат дека непотпишувањето на решенијата за прераспоредување на работното место автоматски не значи отказ за работникот. Тие посочуваат дека законот ги штити работниците, но тие многу малку ги знаат своите права, за што според правните експерти најодговорен е синдикатот, кој треба повеќе да работи на едукација на работниците.

OhridNews