Бројот на наркозавискици во Охрид се повеќе расте, а се намалува старосната граница. Според анализите на Секторот за внатрешни работи – Охрид се регистрирани околу 300 зависници на дроги. Од нив, двесте се корисници на марихуана, осумдесеттина го користат хероинот, а останатите се зависници од кокаин.
Во програмата за превентивно делување во доменот на оваа проблематика, СВР-Охрид заедно со општинската организација на Црвениот крст го реализира проектот “Дрога-вистини и заблуди”.
Специјализираните предавања вчера имаа можност да ги слушнат учениците од основните училишта “Григор Прличев” и “Братство-единство-Лескајца”. Денеска на пладне доктор Соња Стурлакова ќе одржи едукативно предавање во основното училиште “Христо Узунов”, а од 14 часот и во училиштето “Братство-единство-Крст Џамија”.
“Со учениците имаме интерактивен пристап и тие ги добиваат сите информации за кои прашуваат”, вели доктор Стурлакова.
Покрај лекарката која е активист на Црвениот крст, во предавањата се вклучени и стручни лица од МВР.
Со проектот се опфатени учениците од петто до осмо одделение од сите основни училишта во општинава, како и нивните родители за кои исто така се организираат предавања.”
Всушност ова е втора фаза од проектот, а во првата ги опфативме учениците од седмо и осмо одделение. Бидејќи се намалува старосната граница на корисниците на дрога, решивме да ја прошириме целната група”, вели портпаролот во СВР-Охрид, Стефан Димоски, кој очекува од овие активности да произлезе и поширока акција на општеството за борба против дрогата.
Учесниците во проектот ќе имаат можност да ја видат и колекцијата “Разни видови дроги” запленети од страна на Министерството за внатрешни работи.
А.Ристоска