Денеска е Светски ден на превенција од злоупотреба на децата,  а утре е Светскиот ден на детето, потсетува првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Секоја година, над 1 милион деца се вовлечени во трговија со деца и детска проституција. „Скоро секој ден слушаме за злоупотреба на деца. Дури и вработени во почитувани меѓународни организации се најдени виновни што биле инволвирани во сексуална злоупотреба. Очигледно е дека е потребно да се изгради ефикасен и ефективен систем што содржи зголемени културолошки мерки и зголемување на јавната свест, како  и поттик за помасовна акција за спречување на злоупотребата“, велат во „Меѓаши“.

 Во Македонија секоја година над 1.000 деца  на возраст помеѓу 11 и 18  години стануваат жртви на полови напади. Извршители на овие кривични дела најчесто се родители, пријатели или соседи.

Светските податоци говорат дека само 30% од децата жртви се откриваат и пријавуваат. Статистиките покажуваат  дека децата од женски пол се пет пати почесто жртви отколку децата од машкиот пол, односно секое трето девојче и секое седмо момче се жртви на сексуална злоупотреба.. Во 89,75 % од случаите злоставувањето трае повеќе години, а во 10,25 % случаи и повеќе месеци. На СОС телефонот од „Меѓаши“ за деца и млади досега од вкупно 17.100 разговори 1.764 се пријавени случаи за економско, сексуално и физичко насилство над децата.

Во Република Македонија има 18.500 деца на возраст од 7 до 18 години кои не се вклучени во училиштата иако школувањето како задолжително е загаранитирано со Уставот. Околу 2.000 деца се на улица. Најчесто овие деца се и жртви на најлошите форми на залоупотреба. Тие се исклучени од воспитно образовниот процес  и се најчести жртви на сексуална злоупотреба, на педофилија, трговија со деца, деца на улица и деца чиј труд се злоупотребува.

Според ченовите 19, 34, 36, 39 од оваа Конвенција за правата на детето, државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање, да ги заштитат од физичко или емоционално насилство, злоупотреба и запоставување, од сите облици на сексуално искористување и сексуална злоупотреба, од сите други облици на експлоатација штетни за детето, и да преземат мерки за подобро физичко и психичко закрепнување, како и за социјална реинтеграција на детето кое е жртва.

Република Македонија во 1993 ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето а во 2002 година стана потписник и на Конвенцијата за забрана и за елиминација на најлошите видови на детски труд донесена од страна на Меѓународната организација на трудот.

За да се обезбеди подобра заштита на децата, Првата детска амбасада во светот – Меѓаши укажува на неопходност од синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите предвидени со Уставот и овие Конвенции.

Ohridnews