Околу 200 научни трудови на професори од повеќе балкански земји ќе бидат претствени во рамки на 10-от Меѓународен конгрес за образование што започна денес во Охрид. Овој дводневен научен собир го организира Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, заедно со Педагошкиот факултет од Тракискиот Универзитет во Едрине, Турција, Педагошкиот факултет од Тракискиот Универзитет од Стара Загора, Бугарија и Учителскиот факултет од Универзитетот во Загреб, Хрватска.

Деканот на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски “ проф. д-р Владо Тимовски појасни дека учесниците на конгресот главно ќе се осврнат на историските и општествените аспекти на современото образование, реформите во образованието и иновациските процеси, како и на современите тенденции во предучилишното, основното, средното и високото образование.

-Посебен аспект ќе се даде на прашањето на формирањето на наставнички кадри, а ќе се дискутира и за образованието како развојна компонента на современото општество, за уметноста, културата и спортот, за математичките и природонаучните образовни содржини, за улогата на библиотеките во образованието, за мултикултурното образование, за вреднување на квалитетот на образованието, како и за информатичките технологии во образовниот процес, рече проф. д-р Тимовски.

Деканот на Учителскиот факултет од Загреб, проф. д-р Иван Прскало, смета дека овој научен собир ќе овозможи размена на искуства.

-Реформите некогаш одат во позитивна, а некогаш во негативна насока, но дефинитивно, и образованието претрпе демократски промени. Индивидуализацијата која од средината на минатиот век беше врзана за политичките појави што се случуваа во Европа и светот, во прв план го ставаше детето, а не општеството. Човекот беше во функција на одбрана на општеството. Денес идеалот е општеството да биде посветено на детето, на неговиот развој и креативност. Таквите промени се одразија секаде и тие се неминовни, изјави проф. д-р Прскало.

Во рамки на Конгресот на 20-ти септември во Скопје ќе се одржи Меѓународна научна конференција од полето на физичкото образование на тема „Основи на моторичката писменост во раниот детски развој“.

OhridNews