“Романсиерскиот циклус во “Кукулино” на Славко Јанески во европски книжевен контекс” и “Годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик” се двете значајни предавања со кои денес во Охрид, започна 43-тиот Меѓународен семинар за македонски јазик литература и култура.


На оваа традиционална манифестација која ќе се одржува до 17 јули, ќе учествуваат околу 100 македонисти од 23 земји. Тие ќе проследат низа предавања од областа на јазикот, литературата, културата, изборни курсеви од различни области како и лекторски вежби. Покрај тоа за нив е обезбедена и богата Културната програма, која нуди запознавање на учесниците со културното богаство на Македонија, а особено со културно-историските знаменитости на градот Охрид.

-Оваа е  исклучително значајна меѓународна манифестација, која во своето долгогодишно постоење одиграла голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет. На овој семинар до сега учествувале повеќе од 3000 учесници од над 45 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, салависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти кои што го изучуваат македонскиот  јазик по нашите лекторати по светот. –рече на свеченото отворање на семинарот, министерот за образование и наука, Никола Тодоров.


Тој потенцираше дека Македонскиот јазик, литература и култура се нашите корени на кои  треба секогаш да се потпираме, па затоа е многу важно да се поддржуваат манифестациите и настаните кои се посветени на нив.

Организаторите на Меѓународниот семинар  објаснуваат дека, учесниците ќе имаат можност да соработуваат и да разменат искуство со најдобрите лектори по македонски јазик, да ги слушнат предавачите од врвните научни и културни институции, како и да се запознаат со творештвото на истакнати уметници од Република Македонија.

-Целта на овој семинар е  учесниците кои ќе го проследат да станат амбасадори на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Тие треба да ги добијат основните сознанија за овие области, а потоа да ги пренесуваат тие вистини на универзитетите односно на студентите низ светот. –рече д-р Максим Каранфиловски, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик.

Тој објасни дека Македонскиот јазик моментално се изучува на околу 30 универзитети во светот, односно го изучуваат околу 2000 студенти и уште еднаш ја  нагласи потребата од дополнителна афирмација и ширење на македонистиката во повеќе држави во светот.


– Може да кажеме дека бројот на студенти кои го изучуваат Македонскиот јазик е голем во споредба со бројот на студенти кои го изучувале во минатото, но е мал во споредба со оној број на студенти или македонисти кои се потребни за промоција на нашиот јазик, култура и литература.-рече Каранфиловски.

Во рамки на семинарот  на 5 и 6-ти јули ќе се одржи и Научна конференција од областа на јазикот и литературата, на која  ќе учествуваат 60 научни работници од светот и од Македонија. Инаку семинарот како и секоја година така и оваа година ќе има и предавања посветени на определени јубилеи и личности. Тука како најзначајни може да се споменат 1100 години од упокојувањето на Свети Наум Охридски, 65-годишнината од Кодификација на Македонскиот јазик, 65-годишнината од победата над Фашизмот, Животот и делото на Славко Јанески,  Ѓорѓи Абаџиев и Григор Прличев.

Е.Е.