По повод Денот на независноста на Албанија ( Ден на албанското знаме), кој патем не е државен празник во Република Македонија, во холот на СОУ „Нико Нестор“ – Струга беше поставено големо албанско знаме со дозвола на директорот Миле Попоски, кадар на СДСМ, реагира ОК ВМРО ДПМНЕ – Струга.

Слични случувања, вмешување на ученици и деца во политички и партиски интереси има и во други училишта и градинки низ општината, обвинува опозициската партија.

Жално и срамно е да се уништува детството и од најрана возраст да се создаваат меѓуетнички тензии и раздор кај најмладите на национална и верска основа. Би сакале да го запрашаме господинот Миле Попоски со која цел, па и со каков образ донел ваква срамна одлука, притоа не запазувајќи и грубо кршејќи го Законот за употреба на знамињата, со кој сите сме свесни дека треба да биде поставено и македонското знаме покрај албанското, но се разбира никако во тие размери и димензии. Иако, ќе повториме, дека не се празнува државен празник на Република Македонија, туку празник на друга држава. Ова претставува разнебитување и раскол на образовниот процес и уништување на фундаменталната функција на образованието, па затоа бараме одговорност за оваа непромислена постапка на директорот.

ОК ВМРО ДПМНЕ – Струга