Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и денешната прес конференција ја посвети на напади кон градската власт, која според оваа партија не функционира.

– Деновиве сме сведоци дека седниците на Советот на Охрид се се почесто прекинувани од страна на квази мнозинството предводено од СДСМ, точките никако да се приведат до крај, се бараат бескрајни паузи, се бараат во последен час координации во советничките групи од мнозинството. Се на се сведоци сме на катастрофално однесување и на квази мнозинство и на квази Градоначалникот. Сведоци сме на редок политички случај мнозинството предводено од СДСМ да го нема на седниците, а опозиционерите трпеливо да ги чекаат во клупите.-рече Илија Мојсоски од ВМРО ДПМНЕ.


Според него најодговорен за таквата состојба во советот е претседателот Душко Јаковчески, а вина гледа и кај градоначалникот.

-Огромна е штетата за Охрид и граѓаните на Охрид од калкулантството, безидејноста и неспособноста на локалната власт на СДСМ.  Не може тоа да се покрие ниту со тероризирање на вработените во општината, претпријатијата  и училиштата. Во тоа нанесување на штета врз Охрид предничи основачот на ова мнозинство квази Градоначалникот на Охрид, лицето Александар Петрески.-истакна Мојсоски, додавајчи дека актуелниот градоначалник и СДСМ ќе се паметат само по тоа што земале, а не оставиле ништо капитално за Охрид.

ВМРО ДПМНЕ  одговори и на обвинувањата што на нејзина адреса денеска ги упати локалната самоуправа, според која културата во Македонија грубо се партизира од централната власт.

– Ги прашуваме градоначалникот и локалната власт, а посебно секторот во кој културата е застапена, а е раководен од културниот најсилен кадар на СДСМ, како тоа државата да помогне на Општина Охрид кога никогаш ништо од областа на културата  квалитетно не е  изработено во Охрид?  И покрај најдобрата волја да помогнеме кажете за што да лобираме, за кој проект од културата на локалната? Среќа е што Министерството за култура одвојува огромни средства и во археологијата, и во културниот туризам и во заштитата на културното богатство. Слепите од локалната нормално тоа не можат да го видат. Ако се чекаше на локалната ќе го имавме само „Духот на Охрид“. Сето тоа само затоа што Секторот за култура и образование во Општината е само сектор од кој се вршат невидени притисоци врз вработените во училиштата. Сектор кој е само паралелен штаб на СДСМ во Охрид.-велат од ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews