Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, ќе го испитува рејтингот на кандидатите за градоначалник, по што ќе ја донесе конечната одлука зад кој од нив ќе застане владејачката партија на претстојните локални избори.

Како што дознава Ohridnews, за таа цел ОК ВМРО ДПМНЕ ќе спроведе анкета меѓу неутралните граѓани на Охрид, од чии гласови всушност зависи успехот на локалните избори. Целта е на овој начин реално да биде утврден рејтингот на заинтересираните кандидати, велат партиски извори за Ohridnews. Во јавноста веќе подолго време се шпекулира со имињата на кандидатите за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Меѓу имињата кои се споменуваат се пратениците Анита Кипаризовска Крстевска и Цветко Грозданов, како и актуелниот државен секретар во Министерството за животна средина, Дејан Пановски. Амбиции за градоначалничката функција се очекува да пројави и новиот претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ. Како најсериозни кандидати за избор на претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ се споменуваат Тони Симоноски- директор на фестивалот „Охридско лето“, Борче Стефаноски-директор на охридскиот аеродром и началникот на Заводот за здравствена заштита, Атанаско Михаилов.

Како што дознава Ohridnews, резултатите од партиската анкета ќе бидат познати во ноември кога ВМРО ДПМНЕ ќе го соопшти името на кандидатот за градоначалник на Охрид на локалните избори што ќе се одржат во март догодина.

Ohridnews