ОК ВМРО ДПМНЕ не ја отфрла можноста од иницирање на референдум за доверба на градоначалникот на општина Охрид Александар Петрески. Ова се навестува во партиското соопштение до медиумите, а кое се однесува на најавата за доизградба на колекторот во с. Пештани, која локалната соопшти дека ќе започне в понеделник:

„Со програмата за капитални инвестиции за 2007 год. донесена од страна на Советот на општина Охрид, предвидена е изградба на колекторски системи во висина од 32.000.000 ден. Од Владата на Р.Македонија одобрено е учество од 3.000.000 ден.

Согласно таа програма беше распишан тендер, за чие реализирање одобрениот изведувач не можел да одговори во дадениот рок-до почетокот на туристичката сезона. Не е познато дали е тоа по вина на изведувачот или пак истиот бил ставен во ситуација да му се бара нереален рок. Тендерот беше поништен и се распиша нов кој заврши околу половината на ноември. Одбрани се два изведувачи од кои едниот е Гранит со кого веќе општината има огромно негативно искуство, а другиот извесна скопска фирма. За двете фази предвидена е вредност од по 6.500.000 ден. или вкупно 13.000.000 ден. а се однесува на пумпната станица и приклучувањето. Останатите пари до 32.000.000 ден плус 3.000.000 од Владата се предвидени за проверка и доуредување на постојната неприклучена канализација во Пештани.

Овде треба да се напомене дека Советот носи програма и Градоначалникот е должен истата да ја реализира. Граѓаните имаат право да бараат да се реализира програмата бидејќи тоа се нивни средства, кои што Општината ги прибира од граѓаните како даночни обврзници.

Изјавата и ветувањето на Градоначалникот дека системот ќе се изгради до мај 2008 год. се во негов стил, наместо да понесе одговорност за нереализираната обврска, ветува, ветува и пак ветува. Тоа ништо не го чини, а ако не се реализира, ќе се најде друг виновник. Така наместо да поднесе до Советот на општината целосен и прегледен извештај за причините за нереализација на предвидените задачи, кои не се малку, тој одлучува да издаде ЕПП шарена брошура за убав впечаток кај граѓаните. Но сето тоа е многу провидно. Граѓаните не се ни одблизу така наивни како што се надева Петрески и не е ништо необично ако зачестат и кај нас барањата кои скопјани му ги доставуваат на Костовски “Оди си Петрески, доста е“, се вели во соопштението на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

ohridnews