Претседателката на СДС Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска, без срам ги изговара зборовите дивеење и беззаконие, а самата таа на фалсификаторски начин без да ги исполнува критериумите незаконски ја извршува функцијата раководител на Централен регистар Охрид. Вака ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид реагира на прес конференцијата на Крлеска Деспотоска по повод поднесените кривични пријави против раководни лица во ЈП Охридски Комуналец за набавката на булдожер.

Дегутантно е Крлеска, која до вчера беше дел од ЈП „Охридски Комуналец“, да обвинува за купување половен булдожер, иако сите знаат дека тоа е далеку поекономично отколку изнајмување машини за одржување на депонијата Буково, велат од ВМРО ДПМНЕ.

За набавката предивдени беа 3 300 000 денари со ДДВ, а само за 3 години за одржување на Буково се потрошени 15 милиони денари, посочуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ целата постапка ја спровел законски со цел претпријатието да остварува огромни заштеди на средства кои претходно се трошеле за изнајмување градежни машини и се плаќале огромни износи, стои во реакцијата.

ВМРО ДПМНЕ ја обвини Крлеска Деспотоска дека со години земала плата од ЈП „Охридски комуналец“ пред да почне, како што се истакнува, да врши незаконска работа како раководител и побара веднаш да се повлече од раководната позиција и од политичкиот живот.

Кога веќе споменува институции тогаш ги повикуваме Трудовиот инспекторат и Агенцијата за спречување на корупција веднаш да преземат мерки за ваквите незаконски дејствија, се вели во соопштението, во кое уште се истакнува дека е дојдено време за политички промени во земјата.

OhridNews