На вонредна седница одржана по предлог на Извршниот комитет на партијата, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за поведување дисциплинска постапка против членовите Љубен Арнаудов и Сашо Василевски поради спротивно постапување на донесените одлуки на највисоките органи на партијата, информира денес на прес конференција претседателот на општинската ВМРО ДПМНЕ, Сашо Донев.

  • Овие двајца пратеници гласаа против волјата на народот и против одлуките на партијата. Нанесена и е огромна штета на ВМРО-ДПМНЕ како партија, како и огромна штета на товар на Република Македонија и македонскиот народ. Гласањето за промена на уставните измени значи дека пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски се исклучуваат од членови на ВМРО-ДПМНЕ, рече Донев.

Во однос на информациите за евентуална нивна уцена, Донев рече дека на пратеници не смее никој да им се заканува, а доколку имало такво нешто тогаш тие требало да го пријават до надлежните институции. Доколку има било какво нарушување на безбедноста на пратениците Василевски и Арнаудов, Донев рече дека постојат институции каде таквите настани треба да се пријавуваат.

Донев потенцира дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен- партијата е против Договорот со Грција и против промена на Уставот со цел промена на уставното име.

OhridNews