Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид денеска преку прес конференција ги повика граѓаните на Охрид да се приклучат на Народниот собир што ќе се одржи во Скопје во понеделник на 18-ти мај со почеток во 20 часот.
-ВМРО ДПМНЕ во понеделник заедно со Македонскиот народ со сите свои браќа Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и сите други граѓани на Република Македонија ќе упати повик за стабилна и силна Македонија. На општонародниот собир сите ние заедно ќе кажеме „Не“ на сите црни сценарија кои се во насока за дестабилизација на нашата Македонија и ќе докажеме дека интересите на државата и граѓаните се пред личните и партиските интереси, рече Атанаско Михаилов претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Тој истакна дека ВМРО ДПМНЕ заедно со своите сограѓани во понеделник ќе покаже дека како и секогаш до сега се бори и ќе се бори за стабилна, силна и економски развиена Македонија.
-Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците во Скопје за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас и за почитување на изборната волја. Граѓаните ќе покажат дека се за отворање на нови работни места, за отворање на нови фабрики, училишта, за изградба на автопати, стадиони, патишта и друго. Граѓаните на Македонија ќе излезат да дадат поддршка на безбедносните сили за зачувување на државните приоритети и интереси. Граѓаните на Македонија ќе се борат за земјоделците, за младите, за пензионерите, работниците и сите останати, рече Михаилов.
Тој додаде дека ова е нивна демократска борба, битка за почит кон предците и битка за идните поколенија.
OhridNews