Општинските изборни комисии веќе ги потврдуваат листите за кандидати и советниците за локалните избори на 17 октомври. Брзината на потврдувањето на кандидатурите зависи од проверката на податоците за кандидатите од институциите, имајќи предвид дека станува збор за голем број кандидати. Институциите се должни информациите во електронска форма да ги достават до ОИК.
ОИК листите најдоцна до 18 септември треба да ги достави до Државната изборна комисија, за потоа да се одржи жрепка и огласување на листите.
Државната изборна комисија вчера на седница укажа дека сите ОИК во својство на изборен орган должни се да ги почитуваат одредбите од Законот за заштита на личните податоци, согласно кој децидно се уредува заштитата на лични податоци и правото на приватност во врска со обработка на нивните лични податоци. Сите членови на ОИК се должни да ги почитуваат начелата поврзани со обработка на личните податоци, бидејќи потпишаа изјава за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци.
Кампањата за изборите започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври. Изборите ќе бидат и овој пат со протоколи за почитување на Ковид-19.
OhridNews