Општинската изборна комисија денеска излезе со првите неофицијални резултати од вториот круг на изборите во Охрид, според кои кандидатот на СДСМ, Александар Петрески освоил 17 015 гласа, додека кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче, има освоено 16 593 гласа, што е разлика од 422 гласа.

До ОИК бил доставен  приговор на објавените резултати од подносителот на листата на Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, Љупка Попеска, која изнела забелешки на начинот на сумирањето на резултатите од страна на ОИК.

Попеска во приговорот забележува дека  Комисијата во процесот на сумирањето на резултатите самоволно вршела исправки на податоците од записниците од Избирачките одбори, на начин што ги нивелирала податоците така да се совпаѓа крајниот резултат со збирот на сумираните резултати на Избирачките места каде тие резултати не се совпаѓале. Исто така, Попеска имала забелешка на вкупниот број регистрирани гласачи, кој според ОИК изнесува 53.905, додека според утврдениот избирачки список за Општина Охрид бројот гласачи е 53.893.

Во записникот стои уште дека Попеска нагласила оти таквите забелешки го доведуваат во прашање целокупниот изборен процес за избор на градоначалник, поради што од ВМРО-ДПМНЕ е најавен приговор на целокупно спроведената постапка за избор на градоначалник на Општина Охрид.

Ohridnews