Во морските води кај „Gili Trawangan“, најголемиот од трите малечки острови во близина на живописниот брег на Бали, Индонезија, охриѓанката Симона Трповска на два пати го подобри рекордот во техничко нуркање на Македонија, остварен во 2022 година во Египет каде таа се спушти на длабочина од 102 метри. Најпрвин на 4 август Симона се нурна на 104 метри, а два дена подоцна се спушти на длабочина од 117 метри, поставувајќи нов македонски рекорд.
Симона во новиот подвиг нуркаше со Вил Гудман (Will Goodman) кој го држи светскиот рекорд во најдолго нуркање во отворен круг во солена вода од 48 часа и 8 минути. Исто така, тој го има направено и најдлабокото нуркање во затворен круг, односно ребридер, од 290 метри. Во тимот на Трповска беше и Крис Гамлин (Chris Gamlin), директор на „Blue Marlin Dive Tech“, нуркачкиот центар преку кој таа нуркаше до нов македонски рекорд.
Голема благодарност до Вил Гудман, Крис Гамлин и тимот на „Blue Marlin Dive Tech“ кои ми помогнаа дополнително да ги усовршам моите вештини и ја овозможија логистиката на нуркањето. Исто така голема благодарност до мојот инструктор Ахмед Габр кој секогаш ме советува и поддржува, истакна Трповска
Датумот на кој Симона успеа да се спушти до 117 метри под вода, 6 август, има посебна симболика за неа.
Сакав да го изненадам татко ми на неговиот роденден, бидејќи е личноста која ме поттикна да почнам со нуркање и се уште ми е најголема поддршка, изјави за Охридњуз, рекордерката во техничко нуркање Симона Трповска.
Симона Трповска е успешна млада личност која води сопствена фирма за консалтинг и пристап до финансии, И-ДС Коучинг и Консалтинг дооел, а нуркањето и е големо хоби. Со овој спорт се занимава рекреативно од 2007 година, а со техничко нуркање од 2021 година. Минатата година таа го постави првиот рекорд, по што оваа година во август следеа уште два рекорда во техничко нуркање.
Г. Момироски