Македонија доби уште еден учесник на Летните Олимписки игри во Париз 2024. Тоа е охриѓанката Анастасија Мојсовска од спортско стрелаштво која ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели, соопшти Македонската Спортска Стрелачка Федерација – МССФ. Националната федерација за ова била информирана деновиве со допис од Интернационалната спортска стрелачка федерација.
Според програмата Мојсовска на Олимписките игри ќе настапи на 28 јули.
МССФ упати официјална благодарност за поддршката и искажаната доверба од страна на ИССФ која, како што се наведува, препознава развој и лојален партнер во Македонското стрелаштво.
Овој голем успех на Анастасија Мојсовска воедно е голем успех за спортското стрелаштво и за Македонија, велат од националната асоцијација.
Анастасија Мојсовска е член на Стрелачкиот клуб “Стрелец” – Скопје од каде што произлегуваат многу стрелци од сите категории и дисциплини кои исполнуваат високи резултати и олимписки норми.
Oвој успех немаше да биде остварен без поддршка на Македонскиот Олимписки Комитет, Агенцијата за млади и спорт, Македонската Спортска Стрелачка Федерација и могу други поддржувачи и партнери на спортското стрелаштво како и нејзиниот клубски тренер Јордан Тасевски со кој макотрпно заедно тренираат изминатите години, стои во соопштението.
Младата 22-годишна Анастасија Мојсовска е повеќекратен Државен првак и рекордер на Македонија со високи резултати на меѓународните натпревари.
На последниот Светски куп во Минхен 2024 таа постави нов Државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови кој е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз 2024 споредено со претходните Олимписки игри во Токио каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови.
Тренажниот систем како и активностите за подготовки и контролни натпревари во наредниот период ќе продолжат со забрзано темпо од што се очекува подобрување на својот резултат и борба за пласман во финалната борба. Во финалната борба учествуваат најдобрите 8 пласирани стрелци од квалификациониот натпревар кои дополнително се натпреваруваат со дополнителни 24 истрели, информира МССФ.
Анастасија Мојсовска е втор спортист од Македонија што ќе земе учество на ЛОИ во Париз заедно со атлетичарот Дарио Ивановски. Воедно таа е четврта олимпијка во историјата на Охрид. Претходно, магијата на петте кругови ја почуствуваа пливачот Александар Маленко, атлетичарот Реџеп Селман и стрелачката Нина Балабан.
Г. Момироски
Фото: Фејсбук