Македонските средношколци, учесници на 54. Олимпијада по физика што се одржа во Исфахан, Иран, освоија сребрен медал, два бронзени медали и пофалница, што е најголем успех откако Македонија учествува на овој еминентен меѓународен натпревар во знаење од 1996 година.

Дел од историскиот успех беше и охриѓанката Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје.

 

Јан Стојановски, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје, за прв пат на Мекедонија и донесе сребрен медал од оваа олимпијада, само 7 дена по освојувањето на Златниот медал на 8. Европска Олимпијада по физика. Бронзени медали освоија Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје и Андреј Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје, додека Матеа Митревска, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје доби пофалница, објави Друштвото на физичари на Македонија (ДФРМ).

Своето знаење на оваа олимпијада го покажа и Дамјан Стојанов, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје. Водачи на тимот беа: Проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и Претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија и Војо Митревски, апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец.

На 54. Меѓународна олимпијада по физика учествуваа 197 ученици од 46 држави од светот.

ДФРМ за македонските олимпијци организираше 4 неделни подготовки кои се одржаа во периодот јуни – јули 2024 година на Институтот за физика при Природно – математичкиот факултет во Скопје. Друштвото на физичари се заблагодари на сите што придонесоа да се оствари овој исклучително значаен резултат.

Г.М.
Фото: ДФРМ