Топлотни бранови со се поголем интензитет. Жешки денови, но и ноќи со температури невообичаени за Охрид кој некогаш беше познат по умерена клима во зима, а особено во лето, со подносливи дневни температури и свежи ноќи. Со години веќе не е така, а секоја следна температурите во лето се сѐ повисоки, топлотните бранови сѐ поинтензивни и подолги, а последиците поопасни.
Така беше и ова лето со натпросечни температури во јуни и јули и неподносливи топлотни бранови. За охриѓани нема дилема. Климата се менува и станува сѐ потопло, а екстремите како пожари и невремиња се сѐ почести. Голем дел од нив сметаат дека човекот влијае на климатските промени на што укажуваат резултатите од анкетата што на ова тема изминатиот период ја спроведе Охридњуз. Повеќе од две третини од учесниците во анкетата сметаат дека климатските промени се поврзани со човечкиот фактор, а 31 отсто мислат спротивно.
Светска банка предупредува
Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан, се соочува со сѐ поголеми предизвици од природни опасности што влијаат на животите, го попречуваат растот и ги оптоваруваат јавните финансии. За да се подготви за овие закани поврзани со климатските промени и да продолжи со пристапувањето во Европската унија, земјата треба да преземе низа реформи, се вели во последниот извештај на Светска банка насловен „Преглед за климатски јавни финансии на Северна Македонија“, кој беше објавен во месец јули.
Според Прегледот за климатски јавни финансии на Северна Македонија подготвен од Светска банка, во изминатите 50 години, земјата забележа значителен пораст на бројот на поплави, екстремни топлотни бранови, пожари и обилни врнежи. Само во последните две децении, земјата се соочи со 12 катастрофи поврзани со климатските промени кои погодија 1,3 милиони луѓе. Со раст на глобалното затоплување, се очекува ситуацијата да се влоши во наредните години, се вели во извештајот од Светска банка.
Се очекува климатските влијанија да се интензивираат заедно со емисиите на стакленички гасови, со што земјата ќе биде потопла и посува, и ќе се соочи со почести и посилни поројни дождови кои ќе доведат до поплави, предупредува Светска банка.
Г.М.
Следна анкета: Дали имаме соодветни капацитети, стучност и опрема за справување со катастрофи како пожарите летово во Охридско?