Oхриѓани и гостите ќе имаат можност да уживаат во звуците на чалгиските песни на најпознатиот трубадур и чалгаџија на сите времиња, Климе Садило. Во негова чест, Здружението за култура и уметност „АртВивенди“ од Охрид го организира настанот „Чалгиските звуци– во чест на Климе Садило“ кој е планиран да се одржи на 20 јуни со почеток во 20:00 часот, пред НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Во рамки на настанот планиран е концерт со музичката група „Фросина“ и Камерниот оркестар од Охрид, информира претседателот на здружението „АртВивенди“ Ѓоко Алоски.

Целта на овој проект е оживување на еден, по малку, подзаборавен охридски амбиент. Амбиентот ќе биде обоен со духот на старата охридска чалгија, со којашто трубадурот Садило со својата тајфа, постојано го обогатувал градското секојдневие и трајно го оплеменил охридското музичко минато. Покрај прозвучувањето на чалгиски звук, неколку реплицирани стари фотографии ќе го комплетираат аудио/визуелното патување, кое целосно му го посветуваме на Климе Садило со неговата тајфа, но и на сите чалгаџии коишто ја создале и многу посветено ја негувале оваа прекрасна староградска традиција, потенцира Алоски.

Настанот посветен на виртуозот Садило здружението „АртВивенди“ го организира и посветува втора година по ред и истиот е целосно поддржан од Општина Охрид.

Инаку, Климе Садило е претставник на македонската чалгиска традиција, што како културно добро најинтензивно била негувана во македонските градски средини, претежно во 19 и во 20 век. Роден бил 1881 година, а починал на 21 јуни, 1965 година.

Од 19 годишна возраст почнал да свири во тајфата на својот татко, а подоцна ја оформил својата тајфа –Такамот на Садиловци (подоцна познати и како „Охридски трубадури“). Садило свирел и на ут, но пред сè, бил познат како ќеманеџија (виолината локално нарекувана ќемане) денес се наоѓа и може да се види во Куќата на Робевци.

Н.С.Ј.