65 годишниот охриѓанец Борис Стојаноски својата хумана приказна за дарување на крв ја започнал далечната 1978 година и истата трае до денес. Вели ако го послужи здравјето ќе продолжи да дарува и понатаму. Тој денес го доби признание за 100 остварено крводарување во 2023 година на свеченоста која ја организираше ОО Црвен крст Охрид во пресрет на 17 март Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на РСМ.

Крвта се дарува за да му помогнеш некому, да спасиш нечиј живот. Да бидеме хумани, вели Стојаноски како единствен крводарител кој во 2023 година остварил 100 крводарување.

Меѓу петмината крводарители кои во 2023 година оствариле 75 крводарување е и Милчо Бујароски кој со гордост вели дека по неговите стапки тргнал и неговиот син.

Со дарување крв почнав од моите војнички денови, во 1980 година. Ги охрабрувам сите и посакувам сите здрави, млади луѓе да даруваат крв затоа што сите знаеме дека ова е хумана работа. Би продолжил да дарувам крв, но процедурите велат до 65 годишна возраст може да се дарува, а јас веќе ја надминав таа граница. Доколку може би продoлжил, додава Бујароски.

Покрај Стојаноски и Бујароски плаќети, признанија и благодарници беа доделени на заслужни поединци, фирми, институции, но пред се на крводарители кои го исполниле јубилејниот број на дарувани единици во 2023 година.

Нашето семејство во Охрид и околината брои преку 1500 крводарители кои несебично се посветени исполнети со таа хумана нитка и хуман гест да даруваат крв и да спасуваат човечки животи. Крвните единици кои тие ги дарувале во 2023 година се употребени во здравствените установи во Охрид и Дебрца, но и во целата држава и се спасени многу човечки животи. Во 2023 година еден крводарител исполнил 100 крводарувања, пет крводарители се со 75 крводарувања, 7 со 50 крводарувања и понатаму следат со 25, 10 и 5 крводарувања, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Потенцира дека во организирани преку 18 крводарителски акции во текот на 2023 година, редовни и вонредни, се собрани 1507 единици крв кои се употребени за болните и пациентите во здравствените установи.

Најмладиот крводарител е на возраст од 18 години, додека најстариот 65 години како што пропишува законот.  Преку 10% од оние кои дарувале крв во 2023 година се првократни дарители, што не охрабрува дека и понатаму ќе имаме млади луѓе што хуманоста ја гледаат во спасувањето човечки животи преку дарувањето на крв, додава Точков.

Упатува покана до сите кои се чувствуваат здрави, кои можат и сакаат да бидат хумани да даруваат крв.

Плаќети, признанија и благодарници за најхуманите во 2023 година

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски