Осми Март е симбол на борбата на жената за рамноправен статус во општеството, но иако од нејзините почетоци и интернационализицаија на проблемот во тогашниот свет во кој доминираат мажите, мина речиси еден век, современата жена денес се уште се обидува да ги урне невидливите бариери и стереотипи. Во зависност од степенот на развиеност на општеството, различен е и статусот на жената во 21 век. А, каков статус ужива жената во Македонија и дали постои симболика во одбележувањето на 8-ми Март на начинот на кој тоа се прави кај нас? – запрашавме повеќе дами од Охрид.
Еве што тие ни одговорија:
Нина Кепеска – ПР менаџер во „Адора инженеринг“
„Нема машки и женски свет, еден е!“
Уверена сум дека жената како и секој човек, сама си го гради статусот во општестото, во професионалниот свет, во семејството, во приватниот живот. Статусот на личноста, априори не зависи од полот и не треба така да биде. Ние сите го носиме својот печат низ животот. Не сум личност што луѓето строго ги подвојува на мажи и жени, па според тоа да доаѓаат другите атрибути. Сметам и така живеам, дека за сè треба сами да се избориме, да си изградиме статус, да се развиваме, секојдневно да се докажуваме, постојано да напредуваме, прво за свое сопствено задоволство, а секако дека тоа ја прави и сликата за нас кај другите. Воопшто не ги делам работите на машки и женски, една личност може сè да биде и сè да направи, посебно денес.
Така е и со жената во современото македонско општество. Колку помалку се потенцира дека таа и таа успеала, а жена е, според мене, сè повеќе сме еманципирани сите. Немам никаква потреба од потврдување како жена, јас сум жена и без да го докажувам тоа. Не ги делам нештата на машки и женски, сите сме неопходни во овој наш свет.
8-мо мартовското празнување за мене е само традиција и уште еден повод за дружба, што очигледно кај нас се уште функционира, како историско наследство, и зошто да не? На сите дами им посакувам да не го чекаат 8-ми март за да се убави, насмеани, да излезат, да бидат со внимание, почит и подароци. Посегнете по тоа што ве усреќува, секој ден!
Ирена Арнаудова – генерален менаџер на Телевизија Тв М
Генерално мислам дека жената во Македонија во зависност од своите амбиции и во зависност од своите интереси и квалитети може да си го добие тоа што го посакува и да си го најде своето место во општеството, кое тоа и и’ го овозможува. Што се однесува до правата таа има остварено право на глас, работа…, но се уште се проблематизираат одредени права на жената кај нас, како правото сама да одлучи за абортус и тука сметам дека како општество потфрламе.
Што се однесува до симболиката во одбележувањето на 8-ми Март, сметам дека секоја жена во зависност од личната перцепција и сфаќањето на празникот, односно ниво на размислување, така и го одбележува. Во зависност од финансиските можности и во зависност од нејзините желби, така жената го одбележува празникот кај нас.
Анета Јованоска – волонтер во Црвен крст Охрид
Македонија е една од ретките земји каде се придава посебна важност на овој ден, многу од жените кои денес ќе излезат во кафана со нов фустан и чевли, нова фризура итн. не знаат што точно празнуваат, но ако малку одвнатре ги погледнеш тие жени кои единствено на тој ден излегуваат и се забавуваат можеби и можам да го голтнам … но не можам да ја прифатам неинформираноста, дискриминацијата, насилството, и мобингот врз жената која била и ќе биде столб на семејството, двигател на промените и пред се продолжувач на животот. Единствено преку демократски процес и правото на протест и гласното говорење на одредени проблеми можат да го продолжат делото на жените од текстилната индустрија кои на 8ми март 1857 година се спротивставиле на режимот и условите во кои работелие.
Дали жените сами се дискриминираат преку прифаќањето на кичерајскиот однос на празнување на овој ден преку евтини парфеми и пластично цвеќе ? Подарокот ја одржува единствената смисла ако е во чувства, а не во предмети. Улогата на жената не смее да се сведе на пародичната еднодневна еуфорија на гротеската наречена ДЕН НА ЖЕНАТА – жената заслужува да биде љубена, почитувана и поддржувана 365 дена.
Росица Голабоска – новинар
Да бидам искрена, меѓународниот ден на жената, иако кај нас има само симболичен статус, никогаш не сум го доживувала како некаков празник кој треба да се слави со посебен пиетет. Можеби затоа што професионално, никогаш не сум се чувствувала нерамноправно или помалку вредно од мажите новинари. Напротив, без лажна скромност, можам да кажам дека во најубавата, некогаш најслободна и една од најтешките професии, многу од нас покажале поголема машкост и храброст од колегите. Да се признае туѓата вредност, треба да имаш сопствена…
Нека ми простат неистомислениците, но 95 години по Клара Цеткин и Роза Луксембург, никој не се оптеретува со положбата на жената во општеството нити со половата рамноправност, оти секој ден животот ни товари камења. Но не е важно колку, важно е што градиме со нив и колку го жртвуваме своето „ЈАС” .
Во денешно време луѓето ја знаат цената на сè, но не и вредноста. Во ова урбано и сурово време во кое живееме, треба да гледаме пред себе. Ако требаше да гледаме зад нас, ќе имавме очи и на тилот. Честа не зависи од тоа, од каде доаѓаме туку каде одиме.
Човечките срца се толку различни колку и лицата. Да не постоеше надежта, срцето ќе ни препукнеше. Надежта е сон на разбуден човек. Сè додека го живееш животот според своите морални вредности и си искрен кон себе и другите – тоа што е најдрагоцено во тебе, никој и ништо не може да го уништи.
Треба да живееш така да можеш самиот себе да се почитуваш без оглед дали се машко или женско.
Габриела Ракичевиќ – професор на ФТУ Охрид
Иако можеби на прв поглед изгледа поинаку, јас сметам дека жената кај нас нема соодветен статус.
На жената и треба почит, љубов и внимание секој ден, а не само еден ден во годината…
Ели Аин – уметник
-Иако веќе зборуваме за современо општество сепак тука кај нас македонската жена секојдневно се соочува со остатоците од патријахалните предрасуди и стереотипи со што ја поставува во еден простор помеѓу традицијата и модерното, кариерата и домот.
Симболиката на славењето на 8-ми Март кај нас се надоврзува на традицијата од бившата СФРЈ каде овој празник се третираше повеќе како празник на мајката и учителката сведувајќи го на некое оддавање почит на постарите припаднички на женскиот род отколку како некое одбележување за женската борба за еманципација.
Г.Момироски