Во името на стрелачката Нина Балабан, градот Охрид доби свој трет преставник на Олимписки игри по атлетичарот Реџеп Селман кој учествуваше на Олимиписките игри во Пекинг 2008 година и пливачот Александар Маленкo. Балабан на Олимписките игри во Рио кои на програмата се во август месец годинава ќе се натпреварува во дисциплината 10 метри–воздушна пушка.
Балабан во разговор со Ohrid News откри како реагираше на повикот за учеството на Олимпијада, за подготовките и секако очекувањата.
– Најинтересно беше што непосредно два часови пред повикот од Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) спиев и сонував како татко ми со кафе во рацете разговора со некој кој му соопштува дека јас нема да одам на Олимпијадата во Рио. Се будам и го прекинувам сонот, а го гледам татко ми на истото место со кафе во рацете разговора со некој на телефон и тогаш ми се сруши целиот свет, но тој повик моментално не беше толку битен. Подоцна, татко ми излезе од дома и телефонот го остави на масата, тој заѕвона и јас се јавив и се преставив дека сум неговата ќерка, а од другата страна на телефонот беше директорот на МОК, Владимир Богоевски кој ми рече Нинче баш ти ми требиш нека тие честитито пласманот на Олимписките игри во Рио. Прво, нормално се стаписав не верувајќи што слушам бидејќи пред малку сонував дека не одам, но брзо се созедов се израдував спортски, а потоа убавата вест ја поделив со фамилијата, родните, другарите и пријателите. – ни откри на почетокот од разговорот Балабан.
Апсолутната рекордерка во својата дисциплина во Македонија на Олимписките игри ќе учествува со покана од МОК до Интерционалниот Олимписки комитет кој ја има пријавено како кандидат. Според неа учеството на Олимпијадата е врв на една професионална кариера. – Учеството на Олимпијада под националното знаме е врв на било кој спортист. Новак Ѓоковиќ доминира во тенисот, но негова неостварена желба е титулата од Олимпијадата што доволно говори за значењето на манифестацијата. Исто така и наши врвни спортисти од рангот на Кирил Лазаров се би дале да бидат дел од едни Олимписки Игри.
Успешната охриѓанка сонува со отворени очи, а коцките во олимпискиот мозаик се местеле една по една.
– Сонот ми беше да се натпреварувам на Олимпијада како и на секој спортист кој се натпреварува на меѓународно ниво. Блискоста до Олимпијадата со мојот ангажман на младинските Олимписки игри во Пекинг како македонски амбасадор ме натера уште повеќе да сонувам и посакувам да бидам дел од едно издание. Со Олимписката стипендија добив дополнителен штимунг, потоа почнав се поинтензивно да тренирам, а се заангажирав околу целиот процес на пушката бидејќи може за дел од секунда да се расипе, а ние сме сами кои тоа треба да го поправме. Последните две години сум во очекување бидејќи секоја коцка од мозаикот доаѓаше на свое место што ми е многу мило и драго. – потенцираше Балабан.
Подготовките за Олимписките игри се двегодишен циклус, а финалните Балабан ќе ги направи во Нови Сад, Србија заедно со тамошните стрелци кои ќе бидат дел од олимпискиот тим на нашиот сосед.
– Подготовките за Олимписките игри се почнати пред две години со учеството на купови на европско и светско ниво. Но, финалните подготовки ќе ми започнат од 1 или 2 јуни во Нови Сад заедно со сите учесници стрелачи од Србија на Олимписките игри, а ќе траат до 31 јули. Таму сите вклучувајќи ме и мене ќе бидеме под будното око на српските стручњаци кои имаат врвни резултати на светски и европски натпреварувања. Како што сум запознаена ќе се тренира секој ден без одмор по осум сати дневно. Еднаш го искусив тој процес и нема да ми биди непознато, а тешко ќе биде секако. – истакна стрелачката со големо шампионско педигре.
Целиот олимписки набој Балабан го има осетено на своја кожа со улогата на амбасадор на младинските игри кои се одржаа во Пекинг.
– На младинските Олимписки игри во Кина бев како амбасадор-прометор бидејќи веќе ја имав надминато возрасната граница од 18 години за учество. Тоа за мене беше многу големо и позитивно искуство и сега сум свесна што значи искуството од вакви натпреварувања каде што сите погледи се свртени кон спортистите. Притисокот е многу голем на плеќите од спортистите бидејќи цела таа среќа и позитивна тензија треба да ја занемариш кога излегуваш да се натпреваруваш. Исто така голем плус е учеството на Европските олимписки игри во Баку, Азербејџан и медитерантски игри во Мерсин, Турција каде што имаше квалитетни натпреварувачи во ранг на Олимпијада. Сега моментално не ја чувствам позитивната трема, поради искуството, но со тек време и тоа ќе дојде бидејќи не секој ден се учествува на Олимпијада. – раскажува Балабан.
Очекувањата пред секој ваков настан се големи, а исто такви има и Балабан која ветува дека ќе даде максимум со што ќе го потврди квалитетот на охридскиот клуб од каде таа и потекнува. – Максимум ќе дадам тука нема дилеми како и секогаш, а резултатски очекувам да се подобрам бидејќи мотивираноста кај мене е многу голема.
Стрелаштвото е еден од спортовите кои бараат добра физичка и пред се ментална подготвеност. Во крајниот исход решаваат милимитри затоа стрелачите се еден вид на роботи кога ќе излезат на стрелиштето.
– Стрелаштвото како спорт сите мислат дека е статичен, но тоа не е така иако седиме во една позиција цело време додека сме на позиција за пукање. Треба сите мускули да функционираат максимално и беспрекорно бидејќи еден грч може да го спречи стрелачот да не може да се намести на правилната позиција. Исто така психата игра голем фактор во нашиот спорт. Педесет минути колку што ние времетрањето на пукањето треба да се исклучиш максимално. Едно невнимание или губење на концетрацијата може да не чини многу. Често сме биле сведоци како првиот обид при пукањето пресудувал за крајниот исход затоа стрелаштвото бара концетрација од почетокот од крајот. Сепак, најголем непријател на стрелачите е адреналинот кој често си поигрува со нас на стрелиште. Од друга страна тој е оној што ти дава сила и мотив кога не оди најдобро затоа комплетно земено стрелаштвото е комплициран спорт со големи барања. – заврши Балабан.
Охриѓанката за сега е единствениот спортист кој и официјално е потврден за учесник на Олимписките игри по македонското знаме.
Михаил Постоловски