Дека спортистите се најдобри промотори на една земја, говори примерот на осумнаесетгодишната Нина Балабан од Охрид, натпреварувач во стрелаштво, која деновиве престојува во Народна република Кина во улога на Амбасадор на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) на претстојните младински олимписки игри што ќе се одржат подоцна оваа година во Нијанџинг. Младата Нина, која е прогласена за Спортист на Охрид за 2013 година, е првиот млад амбасадор на МОК во историјата на Македонија.
-Ќе ја претставувам Македонија и градот Охрид. Истовремено ќе учествувам на стручни работилници на кои ќе се говори за здрава исхрана и допингот. На собирот ќе присуствуваат претставници од сите спортови, а амбасадорите ќе имаат задача да ги мотивираат младите да се занимаваат со спорт, како превентива во борбата против пороците со кои тие секојдневно се среќаваат на улица. – рече Балабан.
Таа на собирот на МОК во Кина на кој ќе присуствуваат сто млади амбасадори ќе го презентира спортот со кој се занимава. За учесниците Нина подготви подароци во функција на промоција на Охрид и државата.
-Подготвив за сите амбасадори комплети со знаме на Македонија, магнет со мотиви од Охрид и приврзок со национални обележја, а за официјалните лица од МОК реплики од вредни артефакти автентични за нашата земја.-истакна Балабан.
Нина иако има норма не може да настапи на претстојната младинска Олимпијада, поради годините.
-Не можам да учествувам затоа што сум родена во 1995 година, а лимитот е од 1996 до 1999 година. Но мојата колешка од репрезентација Ана Ивановска од Битола ги исполнува условите за настап и се надевам дека ќе и бидам голема поддршка.-истакна Балабан.
Учеството како амбасадор на младинската Олимпијада малку ги пореметува плановите на Нина Балабан која во наредниот период ќе лови норма за Олимписките во Рио де Женеиро во 2016 година.
-Прва цел ми е норма за Олипијадата во Рио, а дали на светските и европските собири на кои ќе настапувам ќе успеам да освојам и некој медал не знам, ќе видиме. За да ја темпирам формата за олимпијада треба соодветна подготовка, тоа подразбира ангажман на психолог, личен тренер за физичка подготовка, контролирана исхрана, но со оглед на тоа дека сама почнав се да учам и да се снаоѓам сметам дека со желба и мотивација можам да успеам. – додаде Балабан.
За настапите кои ја очекуваат таа ќе се подготвува на стрелиштето во Охрид кое е најголемо во земјата со триесет натпреварувачки места. Но иако е така во Охрид нема натпревари кои ги организира федерацијата, посочува Балабан.
-Условите во зима не се најидеални. Многу е ладно така што некогаш и не го чувствувам прстот со кој пукам. Но со тек на време човек се навикнува. Трнлив е патот.- вели Нина Балабан.
Младата спортистка од Охрид неодамна учествуваше на Европското првенство во стрелаштво во Москва, каде во конкуренција на 74 натпреварувачи го освои 32 место.
-Со оглед дека отпатував сама и имав повторно дефект со пушката кој успеав сама да го средам успеав да остватрам државен и личен рекорд и да се пласирам во првата половина на шампионатот.-истакна Балабан.
За разлика од репрезентациите од поразвиените држави, нашите натпреварувачи ги немаат потребните услови за подготовка и настап на големи натпреварувања.
-За разлкика од нас останатите репрезентации се комплетно опремени од спортска облека до тренер и техничко водство. Јас и уште една натпреварувачка од Битола Ана Ивановка во Москва бевме во придружба на селектор, тренер кој сам си ги покри трошоците и техничка придружба, но сметам дека мора да имаме тренер на репрезентација. Мене ме делеа три децимали од пласман во финалето, но мислам дека со добар тренажен процес и подобри услови имаме можности да ги стигнеме и престигнеме нашите конкуренти.-вели Балабан.
Нина е ученик во четврта година во охридската гимназија. Учењето и оди добро како и спортот, а професорите имаат разбирање за нејзините ангжмани.
-Проблем ми се отуствата затоа што потоа за кус период морам да го надокнадам загубеното, но професорите имаат разбирање. –додаде Балабан. Неа сега и претстојат и обврски околу матурата и избор на факултет каде ќе го продолжи своето образование. Во меѓувреме таа останува фокусирана на спортот и го живее сонот за настап и успех на Олимпијадата во Рио.
Горан Момироски