Меѓу повеќе од 300-те илјади Македонски иселеници што живеат во Австралија,  дваесеттина неодамна беа наградени како носители на најуспешни бизниси во Сиднеј, од кои една е Охриѓанка. Пред советот и жителите на општината Рокдаил, каде меѓу стоте илјади жители, илјада се Македонци, нашите иселеници се покажаа како најдобри мајстори за месење на вкусниот Балкански специјалитет бурек, како сопственици на најдобра деликатесна продавница и најубав бутик за свечена тоалета за жени, за правење  најкреативни цветни аранжмани,  најдобри агенциски работници, лекари, но и иноватори на најудобните душеци за спиење во Австралија. Македонските бизнис луѓе беа најдобри меѓу седумстотината номинирани и шеесетте финалисти, припадници на различни етнички заедници што заедно живеат во мултиетничкото Австралиско општество.


Неда Ристевска-Ѓореска која е од Охрид, а веќе единаесет години живее во Сиднеј, каде има семејство, доби награда за најдобро уреден  бутик за свечена женска облека. Таа со мода се занимава подолго време, и вели дека ова признание и импонира бидејќи ја става во редот на врвните модни бизниси во Австралиската метропола, и ја поттикнува и мотивира и натаму да се труди и да работи уште повеќе за задоволувањето на вкусовите и потребите на жените за модна тоалета во Сиднеј и Рокдаил.


Охриѓанката Неда Ристевска Ѓореска со градоначалникот на Рокдаил

Никола Ристевски кој триесет години е сопственик на фабрика за душеци во Рокдаил, вели дека по темелните испитувња сега се меѓу врвните лидери за овој бизнис во Австралија. Нивната иновација душек постела со клима и други нови видови душеци со повеќе можности и кодитет, се единствени во Австралија, па меѓу нивните ексклузивни муштерии е и најбогатиот Австралијанец, а на душекот на овој Македонец спие и една од врвните светски актерки од Австралија Никол Кидман.

Ратка Ристевска, сопственичка на цвеќарница вели дека во Австралија свој дуќан има околу три години, а цвеќарството што и лежи на срце од детските денови, сега за неа е остварен сон, нудејќи и многу можности за креација. Иако работи од зори до мрак, Ристевска е задоволна од овој за неа интересен бизнис.


Ратка Ристевска

Лилјана Стојановска-Петроска лекар сопственик на медицинска клиника во Рокдаил, вели дека и е задоволство да се грижи за здравјето на пациентите, кои во најголем број се Македонски иселеници. Петровска која е задоволна од работата во Австралија, иднината ја гледа и во Австралија, но еден ден можеби и во родната Македонија.  Џина Брага  сопственичка на туристичка агенција, своите сулуги повеќе од една деценија и пол им ги нуди најчесто на Македонците, кои купуваат авио билети за патувања во Македонија и низ светот. Брага со нејзиниот партнер има соработка и со агенции во Македонија.

Гоце Стојановски, сопственик на деликатесна сувомесната продавница, добитник на награда за нaјубава продавница, веќе седум години на муштериите во Сиднеј им нуди богат асортиман на најразлични производи за исхрана увезени од Македонија, што на нашите иселеници им овозможува да се чувствуваат како да се дома, барем што се однесува на трпезата. Љубица и Цане Попоски, сопствениците на “Балкан Бурек”, што веќе шест години го нуди највкусниот бурек, боза, традиционални Македонски слатки и кафе, велат дека се задоволни што муштериите секој ден  го полнат нивниот угостителски објект во такавиканата Македонска улица во Рокдаил, а овој Балкански специјалитет се продава и е популарен низ цела Австралија.


Љубица Попоска

Општината Рокадаил што има сто илјади жители во Сиднеј, град со  повеќе од четири милиони жители, веќе четврт мандат има Македонец градоначалник.  Бил Саравиновски, по потекло од Охридското село Плаќе, вели дека со добивањето на рекордниот број од дваесеттина награди, Македонците покажаа дека имаат способни бизнис луѓе кои ќе се борат натаму да бидат уште поуспешни.

Најдобрите Македонските бизнис луѓе неодамна во Сиднеј го славеа својот деловен успех на илјадници километри далеку од дома забавувајќи се со славниот шоумен Скот Радбун и најпопуларниот радио водител во Австралија Џејсон Морисон, кој по прославата отиде да го проба Македонскиот бурек.

                        

  Нина Кепеска
  фото: Ричард Калајџи