Од банките велат дека најмногу интерес владее за кредитите во мали износи и на кус рок. Невработеноста и недоволните месечни примања, придонесуваат за се поголема побарувачка на ваков вид на кредити. Во последно време најатрактивни се студентските кредити. Родителите кои немаат кеш за да ја платат, студентската партиципација, земаат кредит. Според податоците со кои располагаат банките во Охрид, голем дел од охридските студенти, студираат со школарина која е платена на кредит.
-Општата беспарица која владее, на обичниот граѓанин му ја остава можност за купување на стан, почеток на бизнис или обезбедување на школарина, само преку земање на кредит, велат од филијалите на банките во Охрид.
Тие потврдуваат дека главната причина поради која луѓето се решаваат на користење на кредити е лошата економска состојба.
-Најчесто се земаат ненаменски потрошувачки кредити во износ од 1.500€ до 3.000€. Основен услов за подигање на ваков кредит се просечните месечни примања. На пример за кредит од 3.000€ потребна е месечна плата од најмалку 18.000 денари. Но поради светската економска криза сега се позатегнати условите за одобрување на кредит, па затоа се потребни и дополнителни гаранции како и потписи од неколку жиранити, објаснуваат банкарите.
За да се изгради куќа, да се купи автомобил или да се започне некој бизнис, потребна е поголема сума на пари. За подигање на ваквите кредити, некои охриѓани како гаранција за отплаќањето, под хипотека го заложуваат и целиот свој имот.