Околу 1500 граѓани зедоа учество во денешната акција „Ден на дрвото – засадија својата иднина“ во Охрид каде на три пункта беа засадени околу 100.000 садници.



–  Во Охрид се пошумуваа површини од педесетина хектари на локациите „Мауцкер“ и „Подмоље“ со садници од јасен, додека во Дебрца се пошумуваа десет хектари со контејнерски садници на црн бор, истакна Илија Дуклески раководител на Јавното шумско претпријатие „Галичица“ од Охрид.


Во пошумувањето и овојпат најактивни беа учениците од средните и основните училишта од Охрид, а во акцијата и денеска  се приуклучија политичарите. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во придружба на пратеникот Цветко Грозданов и претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Борис Стефановски, засади повеќе дрвца на Муцкер.

– Веќе по четврти пат се организира ваква активност во рамките на акцијата Ден на дрвото. Ова е голем ден за нас и придонес за идните генерации, оттаму ги повикувам сите граѓани да се вклучат во оваа акција и на сите следни акции спроведени со цел чиста и здрава животна средина, порача министерот Јанакиески.


Во акцијата се приклучија и новинарите кои професионално беа ангажирани да го проследат настанот.


Во претходните три акции во рамките на кампањата “Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ во охридско беа засадени над сто илјади садници , од кои 50 до 70% се зафатени, информираа од јавното шумско претпријатије.

Г.М.