По подолго време охридските ракометари одиграа натпревар надвор од границите на нашата земја. Противник на „гладијаторите“ беше тимот од Грција, Филипос кој претрпе пораз 30-25 пред своите гледачи.
Задоволен од исходот, играта и се останато е спортскиот директор на клубот Ѓоко Апостолов кој изјави – На тест средбата во Грција сите ракометари беа на посакуваното ниво. Во иднина ова ќе биде нашата патека по која сите заедно ќе чекориме. Имаме големи планови со клубот, но ќе ги остваруваме чекор по чекор.
Триумфот над Филипос кој е вкупно петти за „гладијаторите“ во подготвителниот период влева надеж за плодна сезона во Супер лигата.
– Сите сме подготвени, освен некои мали ситни повреди кои се очекувани за овој дел од подготовките. Нестрпливо го очекуваме стартот на шампионатот кој ќе донесе возбудливи натпревари во Билјанини Извори. – додаде тренерот Горан Андоновски.
Со восхит за спортскиот дух на охридската екипа говори и фактот на заедничко дружење со екипата на Филипос по завршувањето на натпреварот.
Мх.П.