Охрид е дел од македонската историја од памтивек. И тогаш и сега Охрид е значаен дел од македонското битисување. Охриѓани независноста на Македонија ја поздравија со огромно мнозинство на референдумот во 1991 година. Оттогаш наваму тие живеат со истите проблеми, подеми и падови на кревката држава, но се горди што се дел од историскиот сон на генерации Македонци, да живеат во слободна и независна држава.

Гоце Жура, историчар на уметност:

-“Со референдумот од 1991 година се оствари  повеќевековниот сон на Македонскиот народ за самостојна независна и суверена држава. Ние или нашата генерација ја имаме таа историска среќа, да присуствуваме на еден најсветол миг во битисувањето на еден непокорен и слободољубив народ-Македонскиот.

Низ изминатите 17 години сегашниве генерации имаат можност  да ја погледнат вистинската вредност од една ваква историска придобивка како што е живеењето и создавањето во сопствена држава.

 Би сакал на сите Македонци кои живеат во нашата држава и надвор од неа, да им го честитам 8 Септември со искрена желба овој ден да биде вековит!”

Борис Ѓорѓиоски – новинар

“Македонија во својата историја имала големи датуми, но 8 Септември, по мене е најголемиот датум за иднината на државата. Тоа е финале на сите поголеми  датуми.

А дали ја искористивме шансата како самостојна држава, дали ги решивме успешно своите проблеми, сепак,останува прашање за кое допрва ќе го добиеме одговорот.

Во секој случај, 8 Септември ќе остане најголем историски датум за Македонскиот народ”.

Росица Голабоска (новинар)

-Патот кон  самостојноста, Македонија го изоде без да остави крвави траги зад себе.  И тоа е единственото нешто што кревката држава го направи успешно. По 17 години, со независноста на Македонија и тогаш и сега, си поигруваат политичари кои не покажаа зрелост и капацитет да се изборат за економска стабилност на државата. Голем пресврт не очекувам, само посакувам да престанат опасно да се коцкаат со чувствата на народот, собирајќи политички поени на прашањето за  македонската самобитност и идентитет. Жално е што држави кои поминаа  војни и се соочуваа со ембарго просперираат далеку побрзо од Македонија, а ние тапкаме во место и се радуваме што ќе сме можеле да патуваме без визи,- засега само во Албанија.  

Петар Алексоски-тв монтажер

-Убаво е кога прв пат млад човек ќе излезе на гласање во својот живот, а тоа ќе биде со успешност од над 90%. Еве што ни донесе тој 8, Септември 1991, или како ги видов овие 17 години независност.

Ги видов како: Милчо Манчевски го освојува Златниот лав во Венеција, атентатот врз претседателот Киро Глигоров, спорот за името со Грција, блокада на северната и јужната граница, Симон Трпчевски во Лондон, Сиднеј. Њу Јорк…, како Кометал Ѓорче Петров европски шампион, како падот на авионот на претседателот Борис Трајковски, како Тоше Проески, како Свети Климентовата црква на Плаошник, како голот од  корнер на Артим Шакири против Англија, како Александар Маленко европски јуниорски првак на 200м. делфин во Копенхаген, како конфликтот во 2001, како Кире Лазаров, како Горан Пандев, како Влатко Стефановски, како Македонија кандидат за ЕУ и НАТО, како можност за поубав живот, како Македонјија – Шкотска 1:0.

Александар Ковачески-фоторепортер

-Република Македонија , во сите годни од својата независност , без разлика на околностите во и надвор од границите имаше една јасна  зацртана цел : НАТО  и ЕУ.

Како никогаш досега, Република Македонија ја гледам на прагот на тие две големи семејства, горда, респектабилна, земја цврсто решена да оди по патот  на напредокот, просперитетот.

Ете затоа, денес, и секогаш , гордост е да се биде МАКЕДОНЕЦ. За многу години да е денот 8 Септември.

Васил Ложанкоски (административен работник)

-Независноста на Македонија е финиширање на повеќе генерациската борба на македонскиот народ за создавање на своја сопствена држава. Како генерација имаме чест да учествуваме во градењето на сопствената иднина на својата земја. Колку тоа за некого е чест, за еден круг на луѓе тоа беше можност за извлекување на личен профит на штета на сите други останати. Иднината на една држава ја создаваат моралните, родољубите, патриотите, чесните, искрените, сонувачите и умните. Ако ги воздигнеме овие човечки вредности како приоритети, Македонија има иднина. Во овие 17 години, мора да признаеме дека нешто од ова недостасуваше. Се надевам дека сега се отвора можност да се вратиме на овие основни човекови и национални вредности, за да искреираме просперитетна нашата иднина и иднината на нашите поколенија

Нека ни честит ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА.


Богоја Маркоски (поранешен фудбалски судија)

-Можеше многу повеќе да се направи за граѓаните на Република Македонија.Перспективата на Македонија ја гледам во стпрливата работа со младите кадри.

Вложувањето во младиот кадар е потребата на оваа држава. Голем хендикеп за нас е недостигот на стручниот кадар.

Горан Андоновски (поранешен ракометен репрезентативец на Македонија)

– Почестен сум  што бев дел од македонската ракометна историја, настапувајки како репрезентативец на две големи натпреварувања на кои досега настапи машката репрезентација на Македонија. Сигурно во годините што изминаа ракометот е број еден спрот кај нас. Покрај успесите на машката репрезентација тука се и успесите на женскиот ракомет како на клупски така и на репрезентативен план. Најпозитивно според мене по осамостојувањето е тоа што нашите спортисти може да заминат во странство од каде ќе црпат искуства кои би се имплементирале кај нас.
Сепак слабата економија во нашата држава едноставно не дава да се развива спортот кај нас. Погледнете ги домашните првенства. Нашата база трпи, страда  поради слабата економска моќ на државата.
Андоновски денот на независноста ќе го помине во мирна атмосфера во кругот на семејството.

Данчо Целески (поранешен фудбалски репрезентативец, сега дел од стручниот штаб на репрезентацијата)

-Голема работа е да се има сопствена држава, преку која ќе бидете препознатливи во светот. Конкретно во спортот неопходно е да се изработи законот за инвестирање во спортот. Кај добар дел од компаниите постои таков интерес но кога работите би се канализирале би стигнале до посакуваните резултати. Оптимист сум. Доаѓаат генерации кои имат различен поглед на нештата.Потребно е усовршување на младите кадри и верба во нив, резултатит ќе дојдат само треба да сме стрпливи.

Целески денот на независнота ќе го помине работно. Во тек се подготовките на македонската репрзентација за реванш мечот в среда со Холандија.

Александар Силјаноски( сопственик на кафе „Баланс)

Дали се живее подобро денес не знам, но оптимист сум дека ќе биде подобро. Сепак како угостител сметам дека Охрид во поглед на туризмот генерално треба да го промени својот концепт на развој и да повлече потези за проширување на туристичката сезона, не само на лето туку и за зима. Охрид не смее да функционира само на лето, за Нова година и за 1 Мај.

Но и покрај секојдневните предизвици и неизвесноста кои не следат, јас сум  многу горд што сум Македонец и не би го менувал тоа за ништо на светот.

Ohridnews