Стотина Македонци, меѓу кои имаше и охриѓани, вчера демонстрираа во Виена барајќи од меѓународната заедница да го признае уставното име на Република Македонија.


Македонците протестираа во Виена

Собирот, што го организираше Македонската културна заедница „Свети Наум“ Охридски од Виена,  започна пред Амбасадата на Македонија, каде што претставници на организацискиот одбор предадоа петиција во која се бара официјално Скопје да се залага за името Република Македонија, без какви било придавки. „Македонија е држава стара неколку илјади години, која од секогаш го носи тоа име и нема причина да го смени“, порачаа учесниците во протестот.

Поворката, со македонски и австриски знамиња, како и бројни транспаренти со написи „Не сме Бугари, не сме Грци, туку Македонци“, „Нема да дозволиме да не прекрстат“, „Република Македонија“, „Едно е името – Македонија“, се упати и кон Амбасадата на Грција. Отако безуспешно се обидоа да ја достават петиција, истата беше прочитана пред грчаката амбасада. Во петицијата се нагласува дека Македонија во НАТО и ЕУ може и треба да влезе само под своето име Македонија, а не под други имиња и истата по писмен пат во понеделник ќе биде испратена до грчката амбасада.

Учесниците во протестите се упатија кон австрискиот Парламент, каде што беше предадена петицијата со молба до австриските власти, Виена да се заложи за неменување на уставното има на Македонија. Тричасовните демонстрации на македонските иселеници во Виена минаа достоинствено и без никакви инциденти.


Иселениците побараа Австрија да се заложи за Македонија

За Ohridnews специјално од Виена
Петар Трајковски