Меѓу дваесет и тројцата учесници најдоброто ѓомлезе го испече Снежана Грујоска. Таа за освоеното прво место доби награда во вредност од 10 000 денари. Второ место и награда од 6 000 денари освои Лиле Крстеска, додека третото место и наградата од 4 000 денари и припаднаа на Стојанка Дескоска. Победниците дел од наградите издвоија за помош на Црковниот одбор на црквата Св. Богородица во Скребатно. Вкусниот специјалитет присутните можеа да го вкусат по симболична цена од 10 денари.
Учесниците на ѓомлезијадата изразија задоволство што се дел од манифестацијата, која ги негува традиционалните вредности.
-Нема тајна за приготвување на овој специјалитет. Секој има своја тајна како го подготвува ѓомлезето. Јас научив да го правам од баба ми Благуна која живееше 105 години, ведро ни одговори Елена Аврамоска, едена од учесничките на Ѓомлезијадата.
Ѓомлезијадата беше збогатена со културно уметничка програма, а присутните убавиот ден го искористија за релаксација и одмор во Скребатно.
Манифестацијата ја организираше општина Охрид, во соработка со Црковниот одбор од црквата Св. Богородица до Скребатно и повеќе помагачи и спонзори.
–Целта на манифестацијата е да дадеме придонес во развој на руралниот туризам и да го поттикнеме претприемништвото кај локалното население и искористување на човечкиот и природниот потенцијал кој што во овие краеви го има во изобилство, истакна Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој.
Според најавите догодина манифестацијата ќе поприми регионален карактер за што поддршка ќе се бара од Центарот за регионален развој.
Охриѓани уживаа во ѓомлезето и природните убавини во Скребатно