Поради дефект на електросистемот, поголеми делови од Охрид во текот на изминатата ноќ и утрово по неколку часа останаа без електрична енергија. На -8 колку што беа измерени утрово во Охрид, најтешко им беше на граѓаните кои се греат на електрична енергија.

Дефектот, како што дознаваме, се случил на трафостаницата во Лескајца оолу 21.50 часот. По интервенција на дежурна екипа на ЕВН подружница Охрид, по еден час делови од градот постепено добиваа електрична енергија, а некои останаа во мрак и подолго од еден час. Испадите во електро-мрежата продолжија во текот на ноќта. Струјата постојано доаѓаше и се прекинуваше, од што најмногу страдаат апаратите во домаќинствата.

Како што веќе пишувавме, сличен испад во електро-мрежата имаше и минатата среда, а поголем дефект се случи и на самиот дочек на Нова година, кога дел од предградијата и некои населби останаа без електрична енергија до доцна во ноќта.

Зачестените испади во електро-мрежата според стручњаците се должат на зголемената потрошувачка на електрична енергија и преоптовареноста на системот, што ја наметнува потребата од подобрување на капацитетите кои го снабдуваат Охрид со електрична енергија. ЕВН која на граѓаните им испорача изгор сметки за јануари, има обврска редовно и квалитетно да ги снабдува граѓаните со електрична енергија, која тие редовно ја плаќаат. Наместо тоа тие мрзнат на -8 степени Целзиусови.

Ohridnews