Синоќа во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“, на првата вечер од Меѓународниот фестивал по класична гитара, охриѓани имаа можност да се запознаат со реномираниот српски гитарист маестро Зоран Аниќ и професорката Тања Јанкова од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Од организаторот на настанот, Културната асоцијација  „Екултур“, велат дека овој фестивал претставува продолжение на летните школи за класична гитара оддржани изминатото лето  во Охрид, односно април оваа година.

Во рамките на дводневниот фестивал, наутро во спомен куќата на Григор Прличев се предвидени мастер часови за шесте ученици-гитаристи од средните музички училишта, додека вечерва имаме концертно претставување на двата професора, односно нивните модератори. Тоа се ценетиот гитарист Зоран Аниќ од Србија и професорката Тања Јанкова.“ – вели Спаско Костоски од Културната асоцијација „Екултур“ Охрид.

Пред присутните, професор Тања Јанкова се претстави со две пообемни дела меѓу кои едно од Сакура, јапонска композиција на тема со варијации, односно Суким Баба од италјанскиот композитор Карла Доменикоњи. Јанкова истакна дека овие летни школи за класична гитара се доста корисни за самите ученици, кои имаат можност да работат со реномирани професори.

Можам да кажам дека учениците се прилично заинтересирани и вредно го следат она што професорот ќе им го зададе како задача. Се радувам што се случува ваков фестивал токму во Охрид и тоа во овој летен период. Секоја појава на нов професор на семинарот е добро прифатена од моите ученици.“ – истакна Јанкова.

Реномираниот гитарист и професор од соседна Србија, маестро Зоран Аниќ, на охриѓани им ја долови сонатата од најбарокниот италјански композитор Giuseppe Antonio Brescianello, еден хит за класична гитарска музика, варијација на тема од моцартовата опера, три минијатури од различни композитори и три дела од Австриецот Јохан Каспер Мерцер.

Аниќ ги пофали младите кои се дел од летната школа за класична гитара, потенцирајќи дека стекнатото знаење од мастер часовите, учениците ќе го прикажат на денешниот завршен концерт, предвиден ова попладне во спомен куќата на „Григор Прличев“.

Морам да признам дека сум изненаден од квалитетот и знаењето на младите, со кои тука работев. Неверојатно колку брзо прифаќаат и спроведуваат она што ќе им се зададе како задача. Мило ми е што работам со нив, а преку својот талент имаат доста добри шанси во иднина да занимаваат со оваа професија.“ – потенцира Аниќ.

Тој додаде дека во Србија, заинтересираноста кај младите за гитара е се’ поголема, благодарение на неколкуте поголеми гитарски фестивали и промоцијата на самиот инструментот кај учениците.

Заинтересираноста кај младите е всушност голема. Ги има се повеќе и повеќе. Тоа се должи благодарение на јавните медиуми, кои покрај оној забавен дел од најнизок калибар, почнуваат да нудат и нешто друго. Сепак постои уште простор, да овој инструмент повеќе се промовира. Едноставно протокот на информации е голем, а младите се избомбардирани од податоци. Во цел тој метеж, треба да се најде простор и таа гитара да се прикаже во вистинско светло.“ – додаде Аниќ.

Инаку, денеска попладне охриѓани ќе имаат можност да се запознаат со 6-те ученици кои беа дел од летната школа за класична гитара. Завршниот концерт ќе се оддржи во спомен куќата на „Григор Прличев“.

О.Т.