Минатата сабота во прекрасниот и  раскошен “Емералд Ресепшн” во Томастон, Австралија, се одржа традиционалниот 29 Охридски бал, на кој тие заедно со пријателите од сите краишта на Македонија го одбележаа големиот православен празник Св. Наум Охридски – Чудотворец.

Организатор на манифестацијата е Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“, од чие име присутните во преполната сала ги поздрави преседателот Васко Ангеловски, честитајќи им го големиот празник.

На прославата присуствуваше и  в.д. конзулот на Република Македонија во Викторија Гоце Пејоски, како и голем број  гости  од македонската заедница во Викторија. Во поздравниот говор  конзулот Пејоски изрази задоволство што присуствува на овој бал затоа што Охрид за него е најубавиот град во Македонија и пошироко. Организаторот нему, како и на повеќемина други поддржувачи на друштвото „Св. Наум Охридски“ им додели пригодни подароци и благодарници.

Благодарност на свеченоста беше упатена и до Општина Охрид и градоначалникот Александар Петрески, при што беше истакнато дека Охридското социјално друштво кое делува во Мелбоурн, но има постојана комуникација со матичната држава и во иднина ќе остварува добра соработка со секоја власт на централно и локално ниво во Македонија и Охрид и ќе направи се што е во негова моќ  да придонесе за татковината и родниот град.

Отец Глигор Киселинов ги благослови колачот и вечерата на која кумови беа Живко и Гордана  Димовски со фамилијата, додека наредната година оваа чест ќе ја има семејството на  Рубин Димитревски.
 
За забавата се погрижи групата „Соната“, а за убавите спомени Науме Наумовски. Гостите на прославата добија промотивен материјал од Охрид, а прекрасната охридска вечер, претседателот на друштвото „Св. Наум“ ја затвори со порака 
да не се заборават корените и родната земја и да се зачува македонското име и идентитет.
Текст:Лидија Ангеловска 
Фото: Науме Наумовски 
Мелбурн-Австралија