Неколку групи на бездомни кучиња во текот на изминатите неколку недели ја загрозуваат безбедноста на охриѓани. Според сведочењата граѓаните кучињата може да се забележат на различни локации во градот, па дури и во централното градско подрачје и чаршијата.
Наши редовни читатели не информираа дека поголема група на кучиња била забележана и во потегот на станбениот комплекс „Христо Узунов“, на краците од улицата „Богомилска“ во Охрид, во станбениот комплекс кај Државниот архив, а голем број кучиња скитници може да се забележат и во потегот околу Градскиот Пазар.
-Пред неколку дена рано наутро, група од десетина кучиња беше собрана пред нашата куќа, па се плашев да излезам и да ги однесам децата на училиште и во градинка. Кучињата се бракаа и се бореа меѓу себе, но за брзо време заминаа од нашата улица. Пред неколку дена забележав неколку кучиња и на градскиот кеј, вели загрижена мајка, која живее на улицата „Даме Груев“.
Дел од граѓаните стравуваат дека поради големиот број на бездомни кучиња и во Охрид може да се случи сличен инцидент како во Струга, кога возрасен човек беше нападнат и искасан од кучиња.
-Откако слушнавме што се случило во Струга, навистина се плашиме да ги пуштаме децата сами да одат на училиште и се плашиме да излегуваме во ноќните часови, кога не е многу раздвижено. Сметам дека надлежните треба да преземат мерки и да го решат овој проблем, велат жители од населбата „Христо Узунов“.
Согласно Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните, обврска на локалната самоуправа е да се грижи за здравствената состојба на кучињата кои се во рамки на општината и да преземе мерки за нивно соодветно згрижување.
Од управата на ЈП „Охридски Комуналец“ велат дека иако немаат директна надлежност, по налог на општината веќе ги вклучиле своите капацитети за уредување на прифатилиштето за бездомни кучиња, кое треба да профункционира на месноста Мауцкер, по иницијатива на Здржението за заштита на животни „Анималиа“ од Охрид.
-Од страна на општина Охрид ни беше дадено задолжение да изготвиме кафези кои ќе бидат потребни за опремување на прифатилиштето. Изготвивме 12 кафези и им ги предадовме на здружението „Анималиа“, кои заедно со општината ја водат постапката согласно законските прописи за отварање на прифатилиштето, вели Елена Скрческа, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
Од Здржението за заштита на животни „Анималиа“ не информираа дека се уште водат преговори со општина Охрид за исполнување на минималните услови за отварање на прифатилиштето.
-По барање на општината, подадовме елаборат каде детално е објаснето што се треба да се уреди за да може прифатилиштето официјално да почне да функционира. Неопходно е да се почитува Правилникот за изградба на прифатилишта и Законот за заштита и благосостојба на животните, како не би се соочиле со санкции од Агенција за храна и ветеринарство, но и би се задоволиле потребите на животните кои ќе бидат сместени во истото. Потребни се уште многу работи, ќе споменеме само некои најприоритетни како што се струја, вода, ограда, возило, долгорочна соработка со ветеринар, поставување на соодветен под во објектите каде ќе се чуваат кучињата и слично, појаснуваат од „Анималиа“.
Оттаму потенцираат дека добиле ветување од Локалната самоуправа дека ќе им помогне да направат соодветно прифатилиште каде што бездомните животни ќе се третираат хумано и согласно со Законот.
-Планирано е прифатилиштето да биде водено од наша страна, ние да ги покриваме тековните трошоци во однос на ветеринарна опрема и услуги и опремување на сите простории со потребниот инвентар. Ќе се применува принципот залови-стерилизирај-врати, со цел бројката да се донесе во нормала и кучињата што ќе останат на улица да се здрави и неагресивни. Ова е пракса која западните земји ја применуваат и се покажала ефикасна и пред се’ етична, појаснуваат од „Анималиа“.
Оттаму додаваат дека треба да се договорат со општината за писмена согласност за користење на местото, како и за потребата од еден постојан вработен во прифатилиштето, за кој волонтерите инсистираат да биде од нивното здружение, бидејќи се најобучени и најзапознаени со оваа проблематика.
Е.М