Охридските ракометари со победите над Радовиш во четвртата и Прилеп во седмата рунда срушија две традиции во Супер лигата, а во осмото коло на гостувањето кај Тинекс Пролет атакуваат на третата сезонава.


Во двете претходни сезони во елитата, „пролетерите“ два пати се провлекуваа во „Билјанини Извори“, а пред своите гледачи лесно се справуваа со ракометарите на Охрид.

Охриѓани со петте победи во седумте натпревари се наметнаа како сериозни кандидати за пласман на местата на табелата кои водат во плејофот.

– Сезонава успеавме да славиме против Радовиш во гости нешто што не можевме да го направиме од почетокот на нашата ракометна приказна, а исто така го совладавме и Прилеп и им вративме за минатогодишниот пораз кој не чинеше пласман во плејофот. Во следната рунда гостуваме кај тимот на Пролет против кој имаме лоша традиција. Подготвени сме за мечот и секако дека атакамуваме на победа која ќе не доближи уште повеќе до плејофот. – рече охридскиот стратег Горан Андоновски.

„Гладијаторите“ со 15 бодови ја делат втората позиција со Металург кој има натпревар помалку, а заостануваа три од лидерот на табелата Работнички. 

Мх.П.