Ракометарите на Охрид ја забележаа втората победа во плејофот од Супер лигата совладувајќи го составот на Борец со 34-31 (17-18) во „Билјанини Извори“.

Охриѓани до вториот триумф во завршницата од Супер лигата стигнаа со ефикасна игра во напад и агресивна одбрана во второто полувреме, откако првиот дел го одиграа далеку под своите можности.

„Гладијаторите“ иако во „лер“ имаа водство (6-3) на стартот од првиот дел, но гостите со серија 5-1 го свртеа во своја полза резултатот и поведоа со 8-7. Голот предност ракометарите на Борец го задржаа до истекот на триесетте минути.

Во вториот дел охридските ракометари го покажаа вистинското лице и заиграа онака како што најдобро знаат. Добрата игра во одбрана, нападот ја наградуваше со голови за водство 29-23 на семафорот.

Ваквата предност на семафорот им донесе на домаќините мирен финиш и рутинска победа која беше зачинета со цепелин на двајцата млади и перспективни ракометари Наум Костов и Мартин Иваноски.

Во следната трета рунда „гладијаторите“ гостуваат во Скопје кај тимот на Металург.

РК Охрид: Стојаноски (1 одбрана), Трајкоски (18 одбрани), Босеовски, Андоновски 5, Иваноски 1, Блажески 7, Костов, Новаковиќ, Спасовски 2, Јанев, Кобетиќ 4, Кезиќ 5, Адамовиќ 6, Димитриевски 2, Трифуноски, Белевски 2.

РК Борец: Димовски (5 одбрани), Лазаровски, Блажески (4 одбрани), Смилев, Стојаноски 5, Јаневски 1, Крстевски, Мирчевски, Петровски, Минов, Органџиев 4, Павловски 3, Илиев 9, Игнов 1, Трајковски 2, Давитковски 6.

Мх.П.