Денеска во Културно информативниот центар „Култура 365“, граѓаните можеа да се запознаат со литературното творештво на Радослав Петковски.

Според охридскиот публицист, новинар и фотограф Мишо Јузмески,  преку оваа средба граѓаните треба да го запомнат писателски лик и творештвото на Петковски.

Расказите и сето она што го напишал е наше наследство и ние  треба да си го чуваме за нас, за нашите деца, зошто тоа е столбот на кој што се потпираме. Онаму каде што е нашиот јазик, таму е нашата татковина. Еден австриски писател и драматург Петар Хајнке, рекол дека нацијата која не си ги цени своите раскажувачи, го губи своето детство.“ – истакна Јузмески.

Пред присутните се обрати и м-р Лидија Размоска, која  потенцира дека Петковски како писател претставува хроничар на човечките судбини од охридското крајбрежје.

Песните на Петковски се испеани со различни мотиви, од љубовни до социјални. Тие претставуваат огледало низ какви јазични и политички искушенија се пробивала литературната реч на писателот – Македонец во мошне неповолни услови. Песните се пишани под влијание на македонската народна песна. Петковски се врзува за темите кои ја карактеризираат македонската историја и макотрпноста при истрајувањето на патот за подобро утре.“ – се обрати пред присутните Размоска.

На настанот присуствуваа и членови од Младинскиот совет Охрид, кои беа задолжени за читање, односно за музичка изведба.

Инаку, Радослав Петковски е роден на 13-ти август 1916-та година во Ресен. По дипломирањето на Правниот факултет во Белград работел како стажант во битолскиот Овластен суд, односно како библиотекар во Градската библиотека во Охрид. По окупацијата, станува член на редакцијата на „Нова Македонија“, а од 1947-ма живее во Охрид каде што и починал на 26-ти октомври 1955-та.

Меѓу најпознатите раскази во богатото литературно творештво, се вбројуваат „Рибарот Климе“ и „Рашанец”.

OhridNews