Синоќа во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, беше отворена 6-тата самостојна изложба на академскиот сликарот Костадин Батев од Струмица.
Преку 10-те акриликни творби и 5-те графики, љубителите на уметноста имаа можност да се запознаат со прекрасните ремек дела на Батев, во кои покрај елементи на експресија, преовладува еден автентичен импозантен стил.
„Ова е моја 6-та самостојна изложба, а до сега сум се претставил на два пати во Скопје, Валандово, Дојран и родната Струмица. После определен временски размак по предлог на Никола Упевче, се одлучивме да го организираме овој настан токму тука во Охрид. Акриликот го земам како еден медиум, затоа што може сосема добро да го користам со мојата експресија во самото сликарство. Едноставно да можам брзо да ги менувам работите и брзо да размислувам.“ – вели академскиот сликар Костадин Батев.
Инспирацијата за своето творештво, Батев ја црпи од секаде, а за создавање на едно вакво дело потребни се од неколку часови до неколку денови, зависно од мотивацијата.
„Инспирацијата ја црпам од секаде и од сето она што ме опкружува. Најбитно е да започнеш со работа, а потоа самиот тој мотив те отвора и продолжуваш да твориш. Апсолутно сум задоволен од посетеноста. Сметам дека културното рамниште во земјава е на едно солидно ниво, односно се носи со светскиот трендот.“ – додава Батев.
Изложбата ја отвори познатиот охридски академски сликар Славко Упевче, кој пред присутните истакна дека творечкиот опус на струмичкиот уметник иако има постигнато јака експресија наследена од неговиот ментор Вело Ташоски, сепак Батев се јавува со сопствен стил кој е импозантен.
„Имам чест да ве поздравам од името на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ која се јавува како организатор на оваа изложба од реномираниот сликар Костадин Батев. Во секој случај, Коста се јавува со сопствен стил кој е навистина импозантен и влева надеж дека ќе биде уште повеќе оформен и прецизен во иднина. Му честитам за остварените дела.“ – истакна Упевче.
М-р Ирина Симоновска Батев, за уметникот вели дека во дескриптивното сликарско искуство, се насетува намерата за дирекна комуникација на човекот со човек.
„Отворената двосмисленост во кој тој се движи и живее се огледа во грубата и наметлива дводимензионалност на сликата, снажно нанесените бои и нивниот нападен интензитет . За него божествениот импулс e исто што и кадрираниот фрагмент од реалноста. Уметничкиот чин е изедначен со предметот кој на површината се исполнува во деформација(како кај германските експресионисти).“ – вели Симоновска Батев.
„Текот на времето се огледа во вибрантната и вознемирувачка површина на ликовите, но и на делумната фигурација и нивниот крајно егзистенционален карактер, а како парадокс се појавуваат и популистички речиси „допадливо“ мачни моменти. Буквално секој сликарски елемент, во целината, прави ефемерна разменa ,се движи по своја насока, исполнета во еден Free Stile.“ – пишува Симоноска Батев.
Костадин Батев е роден 1979 г. во Струмица. Средно учулиште завршил во УПУ „Лазар Личеновски“ – Скопје во 1997 г, а во 2004-та година дипломира на ФЛУ, отсек сликарство со графички дизајн во класата на проф. Вело Ташовски. Член на ДЛУС од 2000-та година, а зад себе има 5 самостојни изложби и голем број групни изложби и ликовни колонии.
Инаку, оваа изложба до крајот на годината ќе имаат можност да ја видат и љубителите на уметноста во главниот град на нашиот источен сосед, Софија.
О.Т.