Синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата на скулптури од Сретен Милатовиќ од Никшиќ, Црна Гора.
Љубителите на уметноста имаа несекојдневна можност да се запознаат со рачно изработените дрвени скулптури на овој уметник, со оглед на тоа што Милатовиќ после бројните изложби низ соседните земји, за прв пат изложува во Охрид.
„Охрид го имам посетено и порано, но за прв пат имам самостојна изложба во овој град. Со овие скулптури кои се во мали формати, се занимавам веќе неколку години. Пред се, задоволен сум од приемот, а градот и народот е доста пријатен и гостопримлив.“ – вели Милатовиќ.
За изработка на една ваква скулптура, потребни се неколку денови во зависност од идеата и инспирацијата која е потребна за уметникот.
„Скулптурите се изработени од еден вид на материјал, но се вложува доста напор. Времето за изработка е релативно, а пред се тука е мотивот. Воглавно, потребно е да се поклопат различни параметри за да се изработи едно вакво дело. Некогаш може одма, а некогаш потребни се денови.“ – додава Милатовиќ.
Директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска, истакна дека оваа изложба се остварува благодарение на Министерството за култура и соработката која оваа установа ја има со уметникот Сретен Милатовиќ од Црна Гора.
„Сретен до сега има остварено бројни самостојни изложби почнуваќи од Сараево, Крагуевац, Панчево, Подгорица, Белград, Даниловрад и на многу места во регионот. Работи скулптура, односно посебен вид изработка на дрво. Љубителите на уметноста имаат можност да ги видат неговите ремек дела, а се надеваме на голема посетеност.“ – истакна Боцевска.
Горан Миловановиќ за уметникот вели дека е еден од Црногорските скулптори кои со својата стручност има доста придонесено во развојот на скулптурата.
„Многумина се на мнение дека современата црногорска скулптура е една од највлијателните и претставува важна уметничка дисциплина во ова подрачје,која начисто го ислустрира специфичниот однос востановен низ формата која е проектирана низ интернационалниот однос помеѓу реалното и имагинарното.“ – вели Миловановиќ за уметникот Сретен Милатовиќ.
Сретен Милатовиќ е член на групата пост-модерни уметници кои се трудат да ја изразат суптилноста на нивното лично искуство од локалниот живот. Роден е на 01.03.1966 во Никшиќ, Црна Гора. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Сараево во 1992 година, во класата на професорот Алија Кучукалиќ. Магистрирал 2007-ма година на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње, а моментално работи како доцент на АЛУ – Требиње.
Инаку, изложбата е во организација на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, а концепцијата и организацијата е на охридскиот уметник Славко Упевче.
O.T.