Студенти, ученици, наставници и професори, општинската администрација и активисти во цивилниот сектор зедоа учество на Инфо денот одржан во Охрид како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.

-Општина Охрид веќе подолго време во рамки на своите училишта и институции кои се под надлежност на градот, дополнително стимулирајќи ги НВО, младите, организациите од областа на спортот се труди да биде дел од овој процес затоа што практично овој процес се поклопува со нашите заложби и идеи за воведување на нови алатки во рамки на образовните институции од Охрид. Од минатиот Инфо ден кој се одржа минатата година, имаме сериозен напредок во однос на подготовка на проектите, а на наше огромно задоволство може да најавиме дека веќе еден проект на електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид, доби грант и околу триесеттина ученици и професори уште оваа пролет ќе имаат можност за посета на друго средно стручно училиште во Турција, со што покажува сериозен сигнал во однос на искористување на овие европски фондови кои ни стојат на располагање, рече секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.

Сите учесници на инфо денот беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.

-Во склоп на кампањата што ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за подигнување на видливоста на европските програми, особено на европската програма за образование, обука на млади и спорт, програмата „Еразмус плус“, а исто така и во контекст на досегашната добра соработка со локалните заедници, особено со Локалната самоуправа на Охрид го организираме овој Инфо ден кој практично треба да им послужи на сите инволвирани во образовните процеси во општина Охрид и општините кои гравитираат околу Охрид за да се запознаат со програмата и можностите кои ги нуди „Еразмус плус“, истакна директорот Националната агенција, Дарко Димитров.

Вкупниот буџет за „Еразмус плус“ изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40%. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.

OhridNews