Вчера во Културно информативниот центар „Култура 365“, охриѓани имаа можност да се запознаат со прекрасните фотографии на битолчанката Катерина Мавровска, преку изложбата насловена како „Цветно виножито“.
За творештвото на Мавровска, пред присутните говореше м-р Лидија Размоска, која истакна дека оваа фотографка недвосмислено се вбројува во авторите кои целосно се предале на фотографската уметност.
„Ако за еден патник важна е целта кон која се упатил, тогаш за фотографот е чувството на исполнетост кога публиката се воодушевува од неговите дела. Страста за фотографирање, Катерина Мавровска ја покажува низ игра, а боите се нејзин сојузник. Еднаш таа го води реципиентот во поле со црвени цветови, друг пат нејзината порака лежи во само еден розов цвет.“ – истакна Размоска.
Таа додаде дека фотографиите на Мавровска се инспирирани од боите на природатаа, а нејзиниот објектив е насочен кон сите цветови.
„Од затворените до оние кои ја покажуваат својата внатрешност свртени кон сонцето и се наоѓаат во непосреден допир со небото. Одржувајќи го дискурсот со убавината на природата, фотографот нуди моменти фатени во фотогрфска рамка со брзина на светлината. Токму таа вреднсот и дава на фотографијата историско значење за постоење на пламенот, за душевната потреба на авторот да излезе со својата надареност.“ – додаде Размоска.
Фотографката Мавровска истакна дека иако е битолчанка, Охрид го чувствува како свој роден град.
„Голема желба ми беше да бидам гостинка во Охрид, затоа што Охрид е вториот град во мојот живот. Моите фотографиите зборуваат за моите емоции, и се надевам дека ќе се видиме во наредна прилика со нешто ново.“ – истакна Мавровска.
Со оваа изложба завршуваат зимските активности во Културно информативниот центар „Култура 365“, а настаните кои следат ќе бидат поврзани со пролета.
Инаку, изложбата „Цветно виножито“, ќе биде отворена за охридската јавност до 30-ти март.
O.T.