Синоќа во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложба на дела од врвниот српски уметник Небојша Јоциќ, кој веќе две децении е присутен на балканската ликовна сцена.
Преку 38-те дела под наслов „Умот ја уништува, духот ја обликува…Жорж Блак“, љубителите на уметноста имаа можност да запознаат мал дел од богатиот творечки опус на уметникот. Користејќи различни материјали, моливи, пастел и темпера, Јозиќ во своите дела успева да постигне високо ниво на структурално богатство.
„За разлика од моите претходни изложби, оваа е доста покарактеристична бидејќи мојот однос кон цртежот има повеќе слобода. Воглавно се работи за апстрактно сликарство, каде фокусот е на самото дело. Некои бои се транспарентни, зависно од расположението во кое сум творел. Постои експресија, момент кој ме инспирира, а самите материјали кои ги користам ме фасцинираат.“ – вели Јоциќ.
Српскиот ликовен уметник, во чие портфолио се впишани 44 самостојни изложби и осум награди за сликарство и уметност, вели дека инспирацијата за творење ја добива од самиот живот.
„Мојот живот е инспирација. Работам во институција каде сум во постојан контакт со млади уметници. Не постои нешто подобро од оваа професија. Мислам дека оној кој се бави уметност, ниту во еден миг не би престанал.“ – потенцира Јоциќ, кој е редовен професор на Факултетот за уметности во Приштина.
Оливера Вукотиќ вели дека изложените цртежи треба да се гледаат како визуелен систем, во кој се присутни различни ликовни вредности и елементи.
„Вертикалните и водоравните линеарни целини, заедно со строгите, зборуваат за прецизна материјализација на идеите. Како нивен ликовен еквивалент, уметникот тежиштето го става на хроматски вредности и рефлексии. Треба да се сврти вниманието и на делови со заситено цртачко ткиво.“ – вели Вукотиќ.
Пред присутните се обрати и охридскиот академски сликар, Славко Упевче, кој меѓудругото рече дека е фасциниран од делата на Јоциќ.
„Во нашата мала галерија одбравме посебен формат на делата, кои се вклопија во амбиентот на оваа изложба. Можам да кажам дека сум задоволен и фасциниран од делата на Јоциќ кои ги презентираше во оваа прилика, иако неговата специјализација се мозаиците. За жал, од технички проблеми, немавме можност истите да ги донесеме тука. Уметникот има голем дијапазон на мозаици, а мора да се нагласи неговата соработка со православните манастири во Кипар, каде работи на истите.“ – рече Упевче.
Тој потенцира дека соработката со уметниците од Србија и Црна Гора е во постојан подем и ќе продолжи во периодот кој претстои.
„Се работи за плејада на врвни сликари, кои навистина се звучни имиња во современата ликовна уметност во матичните земји. Секој си има свој стил на изразување и секој на свој начин е презентиран пред ликовната публика во Охрид. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи со поддршка на Министерството за култура и ресорните министерства во Србија И Црна Гора.“ – потенцира Упевче.
Небојша Јоциќ е роден во Ранилуг, Косовска Каменица. Дипломирал на Факултетот за уметности во Приштина оддел сликарство, а магистрирал на Универзитетот за применети уметности во Белград, на катедрата за применета уметност. Досега имал 44 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 140 колонии и групни изложби. Член е на УЛУС и УЛУКи М. Добитник е на осум за награди за сликарство и мозаик.
О.Т.