Од прославата на 100-годишнината од Илинденското востание во 2003 година па наваму, група ентузијасти од Охрид, верни на традицијата, секоја година земаат учество на Илинденскиот марш до Крушево.
Така е и годинава. Здружението на граѓани „Христо Узунов“ со денови се подготвува за Илинденскиот марш на кој оваа година ќе учествуваат 20 охриѓани, претежно млади луѓе. Целта е да се продолжи традицијата, да се зачува нашата историја и култура и да се пробуди патриотската свест кај младите, вели Никола Шишкоски, претседател на ЗГ „Христо Узунов“.
За Крушево пеш се тргнува на 29 јули преку Куратица, Брежани, Илинска Црква, Мало Илино, Железнец, Деленци, Брезово, Зачле, Дивјаци и други села и места. Во Крушево се стигнува на 31 јули попладнето. По заслужениот одмор на 2 Август дваесетте охридски “комити“ ќе се приклучат во одбележувањето на големиот национален празник и ќе бидат предводница на коњаницата на свеченото дефиле.
Илинденскиот марш годинава е потпомогнат од локалната самоуправа, информираат од ЗГ „Христо Узунов“. Деновиве била остварена средба со градоначалникот Петрески на која била ветена помош за реализација на маршот.
од средбата на чл. на здружението со Петрески
Свеченостите традиционално ќе започнат вечерта на 28 јули во црквата Света Тројца во населбата „Радијца Новиќиќ“ каде ќе се одржи свечена литургија и културно-уметничка програма. Следниот ден во раните утрински часови дваесет охриѓани ќе тргнат пеш за Крушево каде ќе учествуваат во одбележувањето на 104 годишнината од Илинденското востание.
Г. Момироски