Голем број охридски семејства и млади брачни парови кои го немаат решено своето станбено прашање покажаа интерес за втората презентацијата на проектот „Купи куќа, купи стан“ која се одржа доцна попладнево во Охрид. Освен претставниците од Министерството за финансии, пред присутните свои презентации одржаа и претставници од неколку градежни компании кои нудат станови во Охрид.
Станови на продажба преку проектот „Купи куќа купи стан“ во Охрид нуди и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
-Имаме станови кои што се на располагање во Охрид и кои се вклопуваат во условите на овој проект. Она што сакам да го напоменам е дека ние како Акционерско друштво имавме објект во кој околу три години немаше интерес за купување на станови, но со овој проект за околу пет до шест месеци продадовме дваесетина станови. Во моментот имаме на располагање уште 22 стана коишто се со почетна цена е 599 евра по метар квадратен, вели директорот на Акционерското друштво Цветко Грозданов.
Тој информираше дека веќе започнале преговори за изградба на нови станови кои ќе бидат лоцирани во централното градско подрачје на Охрид.
Исто така во рамки на презентацијата имаше претставници од сите банки кои се дел од проектот, а граѓаните имаа можност да се информираат за сите детали кои ги интересираат.
Проектот „Купи куќа, купи стан нуди неколку модели за купување на стан. Првиот модел е „половина рата“ каде што државата плаќа половина средства за ратата во првите пет години и вториот модел е „пола учество“ за кое државата плаќа 50% од учеството за купување стан. Доколку граѓанинот се одлучи за изградба или купување на куќа, тогаш државата плаќа 75% од ратата за првите пет години или дава 75% од учеството.
Граѓаните, кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит, треба да ги исполнуваат следните услови: Вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра месечно или на брачните партнери најмногу до 1300 евра месечно; да немаат недвижен имот во нивна сопственост и да немаат подигнато друг станбен кредит.
Првата презентација на проектот „Купи куќа, купи стан“, се одржа во Охрид во средината на месец април годинава и за неа интерес пројавија голем број охриѓани.
Е.М