Поројниот дожд што наврна вчера и денеска преплави голем број приземни катови на станбените објекти. Милена Паункоска и Раде Павлески, жители од улицата “Богомилска” со своите семејства ги празнеа приземните катови од домовите со метли и кофи.



“Овие два дена како резултат на поројните дождови и на неодговорноста на  службите, дворот и тоалетот беа преполнети со вода. Неколку пати се јавувавме во “Проаква”, ни ветуваа дека ќе дојдат, но не дојдоа. Не знам кој ќе ми ја платеше штетата доколку водата навлезеше и во собата која е комплетно уредена со ламинат, а малку фалеше да се случи тоа”, ни изјави Милена Паункоска.



” Водата ја отстранувавме со метли и кофи, а денеска го миеме дворот со црево зашто фекалиите ќе останат овде”, рече Паункоска. Таа револтирано запраша дали граѓаните се должни само навремено да ги плаќаат сметките за потрошена вода и колектор, или имаат право и да побараат помош од соодветните служби.


Нејзиниот сосед, Раде Павлески рече дека водата навлегла во тоалетот, и оти  цела ноќ дежурал за да не му се преплави и собата за дневен престој што се наоѓа веднаш до тоалетот, која во текот на летото, била преплавена. И во неговиот двор денеска се уште имаше вода.


Овој проблем кај жителите од “Богомилска ” датира од минатата година. “Од “Проаква” дојдоа неколку пати, ќе ја пробијат едната шахта, но проблемот повторно се јавува. Можно е, да е пукната и некоја цевка  зашто населбата е во градба, па секојдневно минуваат тешки камиони”, објасни Павлески и додаде дека неопходно е итно да се утврди дефектот. “Со ваков проблем не се соочувавме ниту пред 40 години кога немавме канализација, туку само септички јами”, потенцира тој.


Од Меѓуопштинското јавно претпријатие “Проаква ” велат дека интервенирале на “Богомилска”. “Во текот на вчерашниот и денешниот ден се пријавени 50-тина дефекти од кои поголемите се во Струга. Тоа е и главната причина што големата цистерна денеска е активирана во Струга, а помалата во Охрид. Штом завршиме таму, ќе ја префрлиме во Охрид, и сигурно ќе интервенираме на “Богомилска”, но и на улицата “Сирма Војвода”, изјави директорот на МЈП “Проаква” Бранко Трпчевски.Тој упати и апел до граѓаните, совесно да се однесуваат и да не фрлаат секакви отпадоци во канализационата мрежа. 

Во Охрид вчера и денеска наврнаа 54 литри дожд на метар квадратен. Според синоптичарите, и наредните денови ќе бидат дождливи.

А. Ристоска