Пред една недела во „Масспорт центарот“ во Хертогенбош, „ајфеловите кули“ со добра игра во второто полувреме славеа со 94-66, што е огромна предност пред реваншот во Охрид.
Охриѓани сакаат со победа да се простат од Европа. – Не можам да ветам ништо, освен дека ќе дадеме се’ од себе да го добиеме мечот. Мислам дека можеме да го сториме тоа, не е важно со колку разлика, победата ќе биде огромна сатисфакција за екипата – вели плејмејкерот Ефтим Богоев.
Тренерот Марјан Лазовски посакува подобра игра и победа. – Очекувам да одиграме на повисоко ниво. Ќе дадеме се’ од себе да го победиме Ајфел тауерс. Кога велам победиме, не велам дека ќе го елиминираме, но ако ни се укаже шанса зошто да не – вели Лазовски.
Амак ќе биде посилен во однос на првата средба, бидејќи ќе може да смета на американското крило Џарид Фрај кој поради повреда го прескокна првиот дуел. Амак викендов го претрпе првиот пораз во домашниот шампионат, откако загуби во Кавадарци од првакот Фени индустри со 65-83.
Охриѓани во првото коло, претрпеа пораз на првиот од двата меча против Златорог Лашко, но на реваншот триумфираа и се најдоа во второто коло.